КАРПОШ

Граѓаните од четирите улици во Карпош 1 и во Карпош 2, Иван Аговски, Гиго Михајловски, Мирка Гинова и Шекспирова, кои ќе бидат реконструирани со средства од Светската банка, го прифатија овој проект и го оценија како позитивен и неопходен, информираат во Општина Карпош.

– Ова е ефектот од денешната јавна расправа што се одржа преку платформата Зум, на која карпошани од овие улици во отворена дискусија имаа можност да се запознаат со претстојниот инфраструктурен зафат и неговото значење за граѓаните што се засегнати, односно живеат или работат во урбаните заедници каде што ќе се имплементира проектот. Граѓаните што го поддржаа проектот, во оваа пригода повторно го актуализираа проблемот што настанува во поглед на непрописно паркираните возила односно узурпација на јавната површина – тротоари што се наменети за пешаци, особено од соседната општина – велат оттаму.

Инаку, како што објаснија стручните служби од Општина Карпош, процесот тука не завршува и граѓаните најтранспарентно ќе продолжат да бидат вклучени во целиот процес при имплементација на проектот реконструкција на четири улици во Карпош, а кој е во рамките на Вториот проект за подобрување на општинските услуги (МСИП 2). Овој проект се спроведува преку Министерството за финансии финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка.

– Вклучувањето на граѓаните во процесот на реконструкција значи нивна сѐ поголема инклузија во општинските политики и активности и оттаму нивните забелешки и сугестии ќе бидат разгледани за да се најде позитивно решение за постојните проблеми и нивно надминување – додаваат оттаму.