Сопругот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Влатко Илиевски, испратил претставка до Судскиот совет за разрешување на судијката од Кривичниот суд во Скопје, Добрила Кацарска. Информацијата за „Макфакс“ ја потврдија од Судскиот совет, но соопштија дека детали ќе може да кажат од следната недела, поради тоа што членот на Советот што го реферирал предметот користел годишен одмор.
„Макфакс“ од извори во Советот дозна дека претставката е за наводни повреди предизвикани преку закажување чести судски рочишта во предметот „Тенк“, во услови кога Јанкулоска била во ризична бременост со породилно отсуство.
Повредите, според претставката, биле предизвикани преку закажување судења кога поранешната министерката се наоѓала во ризична бременост со отворено породилно отсуство, како и преку одржување судски рочишта во услови кога Јанкулоска била во постпородилна состојба со двомесечно бебе.
Судијката Кацарска за „Макфакс“ рече дека е уверена оти сите мајчински права на обвинетата ѝ се исполнети и дека постапката се одвивала со целосно почитување и на Законот за кривичната постапка и на Законот за работните односи. До Судскиот совет судијката составила одговор за претставката на Јанкулоска и рече дека по речиси 33-годишна судиска кариера едвај чека да се појави на сослушување во Судскиот совет за претставката на Јанкулоска.
Уставниот суд лани ѝ го отфрли барањето на Јанкулоска за заштита на слободите и правата од Уставот, кои се однесуваат на слична околност, забрана за дискриминација по пол и политичка припадност во остварувањето на правото на мајчинство и правото на породилно отсуство.
Јанкулоска беше осудена на шест години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, а скопска Апелација ѝ ја намали казната на 4 години. Таа на први јули треба да се јави на издржување на затворската казна.