Единаесетгодишниот Јане Велковски, кој е застапник за деца со попреченост од Македонија, денеска ќе зборува на годишниот Светски ден на детето, во Обединетите нации во Њујорк. Тој ќе му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит во Обединетите нации, каде што деца и млади ќе побараат да се преземе акција за да се заштитат и промовираат правата на децата.
Во рамки на Самитот, тој се сретна со светски познатиот фудбалер Дејвид Бекам.
Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето, кој се совпаѓа со 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.
Јане ќе учествува во интерактивниот дел, во кој ќе бидат претставени деца застапници, ќе има креативни елементи, музички настапи и учество на амбасадори на добрата волја. Тој ќе зборува заедно со други четири деца на панел-дискусијата „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.