Намалувањето на вишокот килограми и вежбањето може многу да помогнат - Фото: Игор Бансколиев

ЛЕКАРИТЕ ПРЕПОРАЧУВААТ

Повеќето од нас воопшто не размислуваат за имунитетот сè додека не биде предоцна, а од друга страна живееме во време кога особено треба да внимаваме на нашето здравје. Секако, грижата за здравјето треба да е поголема во услови на пандемија на ковид-19, кога секојдневно гледаме дека бројот на новозаразени лица во нашата земја е доста висок

Имунитетот е тоа што нѐ штити од различни болести и инфекции и е едно од најважните оружја во борбата против болестите. Во практика, повеќето од нас воопшто не размислуваат за имунитетот сè додека не биде предоцна, а од друга страна живееме во време кога особено треба да внимаваме на нашето здравје. Секако, грижата за здравјето треба да е поголема во услови на пандемија на ковид-19, кога секојдневно гледаме дека бројот на новозаразени лица во нашата земја е доста висок.
Колкупати сте се чувствувале непријатно, а не сте сигурни за што точно станува збор, па краткото пребарување по Гугл секогаш резултирало со најлоша можна форма на болеста што е поврзана со тој симптом. Кога станува збор за нашето здравје, најважни се добрата информираност и навременото реагирање. Со соодветна реакција, кај некој симптом може да се спречат сериозни здравствени проблеми. Затоа е добро да се имаат предвид препораките на лекарите.

Телото секојдневно се бори против разни воспаленија, инфекции, внимава целиот организам да функционира нормално… Затоа треба да му се посвети поголемо внимание. Намалувањето на вишокот килограми и вежбањето во секојдневието, секако, може многу да помогнат за да се одржи телото здраво и во добра кондиција. Не се потребни драстични промени, туку мали промени во функционирањето, кои на долг рок ќе дадат подобри резултати.

– Треба да се земаат доволно витамини и минерали, а ќе истакнам дека витаминот Д е особено важно да се зема задолжително. Многу од автоимуните болести и малигни заболувања доаѓаат од недостиг од Д витамин, а тоа е научно докажано. Покрај овој витамин, треба редовно да се зема витаминот Ц, потоа цинк и магнезиум, независно дали преку храната или како суплементи – смета д-р Весна Стојанова Анастасовска.
Лекарите советуваат да не се одложува одењето на лекар ако постојат сомнежи за нешто поврзано со здравствената состојба или има некаква промена. Дијагнозата е клучен чекор за откривање на можната болест, а во некои ситуации може да спаси животи.

Од друга страна, иако не постои прецизен одговор на прашањето колку часови сон му се потребни на телото, сепак има некои општоприфатени препораки од докторите, кои велат дека возрасните треба да спијат од седум до девет часа, без прекини. Сонот не се користи само за одмор, туку целото тело се обновува додека спиеме, тој лекува микрорани што дури не ги гледаме и го зајакнува телото. Покрај физичкото, и менталното здравје може да се подобри со редовно спиење, затоа обидете се порано да одите во кревет и да му обезбедите на вашето тело доволно сон за да се чувствувате подобро.

И пред пандемијата со коронавирусот, секој лекар препорачуваше добро миење на рацете за да се заштитиме од разни болести. Редовното миење на рацете е еден од најважните придонеси за јавното здравство што, како индивидуа, можеме да го направиме за општеството. Користете топла вода и сапун во отсуство на кое било од средствата за дезинфекција, особено ако се возите со автобуси, по кивање или кашлање, ракување, или ако се грижите за болно лице. Исто така, ако носите контактни леќи, не е доволно да ги миете само леќите, исто така е важно да ги миете рацете добро пред контакт со очите за да ја намалите можноста за ширење на разни инфекции.

Луѓето порано одеа на лекар само кога ќе почувствуваа посериозни проблеми или кога веќе беше предоцна. Денес знаеме дека превенцијата е најбитна во борбата против сите болести и може да ни обезбеди долг здрав живот. Со достапноста од информации, денешните тинејџери знаат да ја користат модерната технологија за да добијат навремени информации и не се колебаат да одат на редовни прегледи. Годишните прегледи се најдобриот начин за откривање и навремено реагирање на болестите. Така, вашиот лекар ќе ја има целосната слика за вашата општа состојба и ќе види промени што можеби не се видливи за вас.

Инаку, кога станува збор за заштитата од вируси, треба да се следат главните препораки за лична заштита, но не треба, на пример, да се премиваат со сода бикарбона или со сјај за миење садови или, пак, да се бришат со алкохол овошјето и зеленчукот што се купени од маркет или од пазар, додава д-р Стојанова Анастасовска.
– Луѓето треба да знаат дека вирусите се пренесуваат исклучиво при директен контакт со заболено лице. Ниеден вирус не опстојува на собна температура, меѓу другото и на киоск. Тој угинува. Ако на пример со рацете сте допреле некое место или рафт во продавница на кој е вирусот и ако ги ставите прстите во устата, во носот или во очите во следните три-четири минути, само тогаш можете да си го пренесете. А веројатноста дека тоа ќе се случи е премногу мала. Затоа, луѓето грешат што дезинфицираат сѐ по ред – вели докторката. А.П.