Македонските академици сметаат дека бугарските академици, но и поединци во нивниот државен врв, околу јазикот ќе мораат да отстапат, бидејќи македонскиот јазик веќе е заведен во Обединетите нации, како јазик на засебен и посебен национален супстрат односно македонскиот народ, а секакво прифаќање на бугарските барања би значело исчезнување на Македонците
Бугарски државни и академски авторитети, криејќи се зад флоскулите за добрососедство и европски вредности, деновиве почнаа отворен напад кон Македонија, македонскиот јазик и народ, условувајќи го напредувањето на земјата кон Европската Унија со прифаќање на наводните бугарски корени на македонскиот народ.
Најновиот напад доаѓа од Бугарската академија на науките (БАН), каде што завчера беше промовирана публикација на педесетина страници, насловена „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“.
Во изданието има толкувања на бугарските академици и универзитетски професори, а кои се однесуваат токму на негирањето на македонскиот јазик.
– Во својата суштина македонскиот јазик останува југозападна писмено регионална норма на бугарскиот, а не одделен јазик – категорични се авторите, според кои официјалниот јазик во земјава не е различен од бугарскиот и нема претходна историја од 1944 година!?
Македонската научна јавност изнесе низа историски засновани елементи, но и елементи на актуелна реалност, која има сосема спротивни позиции од БАН.
Македонските академици сметаат дека БАН длабоко тенденциозно политички, ненаучно манипулира со ова прашање. Македонскиот народ е со векови реалност, а околу јазикот ќе мораат да отстапат, бидејќи македонскиот јазик веќе е заведен во Обединетите нации. Секакво прифаќање на бугарските барања би значело исчезнување на Македонците.
– Мое мислење е дека Бугарите околу јазикот ќе мораат да отстапат, бидејќи ние имаме ситуација во која македонскиот јазик како јазик е заведен во ОН. Во сите лингвистички атласи, во сите светски енциклопедии, во сите научни изданија, публикации, студии, се знае дека македонскиот јазик е дел од групата на индоевропски јазици, дел од словенските јазици, дел од јужнословенските, и тоа е неоспорно. Не може во тие атласи каде што секаде се води како македонски јазик, сега одеднаш да кажете дека тоа е според официјалниот јазик на Република Македонија – вели академик Катица Ќулафкова.
Според неа, постојат големи разлики меѓу македонскиот и бугарскиот јазик, кои одат во прилог на тезата дека не станува збор за исти јазици.
– Најодговорно тврдам дека македонскиот и бугарскиот јазик многу повеќе се разликуваат отколку македонскиот и српскиот, бидејќи се разликуваме и на фонолошко ниво, на морфолошко ниво, поточно како ги составуваат зборовите, на синтаксичко… тотално различен пристап. А што е најважно, исти зборови или слични со исто потекло имаат тотално различно значење. Во ист контекст на различен начин ги употребуваме. Со други зборови, бидејќи јазикот е поглед на свет, сензибилитет, ние толку многу сме се оддалечиле што и да имало сличности во 12, 13 или 15 век, тие сличности се губеле и им отстапувале место на разликите и денес се поприлично големи и тоа се гледа кога читате романи, кога читате поезија, кога читате филозофија, теорија – нагласува Ќулафкова.
Нејзино мислење е дека целта е да се покаже дека Македонците произлегуваат од Бугарите, етногенетски, културно и историски.
– Тие нас ќе нè натераат да кажеме дека историјата не е битна… ќе потпишеме договор дека целата историја ни е заедничка, поточно бугарска, јазикот е бугарски дијалект, и со тоа ние ќе признаеме дека сме вештачки конструкт и ќе бидеме доведени во прашање како народ што има државотворна улога, со што ќе се доведе во прашање карактерот на македонската држава. Јас мислам дека е тоа поентата, а не е поентата само јазикот – истакнува Ќулафкова.
Според неа, многу поопасно е што македонската страна прифаќа барања, што на некој начин ја запечатува нејзината судбина.
– Многу поопасно од вулгарно-прагматичните барања на бугарската страна е што македонската страна ги прифаќа тие барања. Ако се случи тоа, ако заврши со некаков договор, тоа ќе биде запечатување на нашата судбина – вели академик Катица Ќулафкова.
Сличен став има и академик Митко Маџунков, според кого јазикот е нешто за што не смее да се преговара.
– Ние треба фронтално да ги нападнеме Бугарите, не да се браниме. Тие земале од нашиот јазик, а не ние од нивниот. Јазикот е нешто за што нема разговор – вели академик Маџунков.
Според него, бугарската страна сака буквално сè.
– Најостро треба да се отфрлат бугарските барања. Јазикот не е предмет на разговор. Нам ќе ни се случи исчезнување ако продолжи оваа политика. Јазикот не е предмет ниту на политиката, ниту на науката, туку на здравиот разум, односно дали сакаме да постоиме или не – истакнува академик Маџунков.
Познавачите на јазичните состојби велат дека бугарската страна ја користи науката како средство во политиката.
– Ова што сега се случува е буквално користење на науката во функција на политиката. Оваа публикација што ја објави БАН дури и не може да се нарече наука. Да се вадат по два-три збора и да се ставаат во функција на политиката е несериозно. Дури и тамошните лингвисти се свесни за тоа – вели Александра Ѓуркова, научна советничка во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Според неа, нема потреба да се одговара на бугарските провокации, бидејќи македонскиот јазик е признаен во меѓународни рамки.
– Веќе подготвуваме реакција на публикацијата на БАН и таа ќе биде објавена наскоро – нагласува Ѓуркова и притоа додава дека и медиумите во Македонија повеќе треба да ги третираат јазичните прашања.
За професорот Људмил Спасов ова е, како што вели, стара мелодија, која се повторува циклично уште од 1948 година.
– И во оваа публикација на БАН се повторува истиот текст уште од 1978 година. Додадени се некои ситни работи, но во суштина станува збор за ист текст. Жално е ова колку е неевропски и примитивно ако се земат предвид сите декларации што ги потпишала Бугарија преку кои ја поддржува Македонија на европскиот пат – вели Спасов.
Според него, проблемот е во Бугарија, бидејќи таму постојат сили што не сакаат стабилен регион.
– Имам впечаток како некој да ги подбуцнува да го прават ова – констатира професорот Спасов.