Одбраната во 2020 година влегува со зголемен буџет во износ од над 10 милијарди денари, што е зголемување за 22 проценти, со повеќе пари за модернизација и набавка на борбени возила, за набавка на инженериски машини, за комуникациски системи, но и повеќе средства за развој на човечките ресурси, за кои беа направени круцијални чекори напред – зголемување на платите на сите припадници на Армијата за 16 проценти, воведување на дополнителен месечен надоместок за 7.000 денари за сите воени и цивилни лица во служба на Армијата. Буџетот за 2020 година предвидува и значителни средства за реконструкција на објектите на Армијата кои долго време беа оставени на забот на времето.
Ова го истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која денеска на прес-конференција детално информираше за ставките во буџетот на одбраната за следната година.
Таа кажа дека зголемувањето од 22 проценти во однос на 2019 година е наменето за реформи во одбраната, за квалитативно и квантитативно зголемување на персоналот, за опремување на Армијата согласно стандардите на НАТО и подобрувањето на условите за работа.
Клучната промена во буџетот, подвлече министерката, е во делот на капиталните расходи, односно модернизацијата, каде за прв пат, во 2020 година се одвоени 20 проценти од одбранбениот буџет, што претставува зголемување за 56 проценти во големината на средствата наменети за нова опрема за Армијата.
– Еден повеќегодишен договор е во тек, тоа е повеќегодишниот договор за финансирање на набавката на инженерските машини од кои еден дел се веќе испорачани, вториот голем проект е набавката на борбени возила кој што е приоритет број еден според Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, опрема за комуникациски системи и сајбер – опрема и друга приоритетна опрема предвидена во Долгорочниот план. Фокусот се декларираните единици, фокусот е модернизација на Армијата и вложување во опрема – рече министерката.
Шекеринска истакна дека приоритет за министерството е и развојот, привлекувањето и задржувањето на кадрите во одбраната.
– Ако во 2017 година со изборот на новата Влада, професионален војник примал 20.000 денари месечна плата, само со покачувањата, тој износ беше зголемен за 16 проценти, а заедно со месечната станарина која е во износ од 7.000 денари, сега веќе месечно тој или таа ќе добиваат 30.200 денари, што е практично 50 проценти зголемување на месечниот приход – истакна министерката.