На семејството чии три деца загинаа во пожар во нивниот субстандарден дом во Велес социјалните работници му нуделе сместување под кирија уште пред да се случи трагедијата, но, одбивало. Дали постои евентуален пропуст во нивната работа, испитува социјална испекција која во петокот и денеска е во велешкиот Центар, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, иако, потенцира, со сегашниот систем одговорноста на социјалните работници завршува со исплата на одредени социјални права.
Таа денеска имала средба со родителите на починатите деца кои претходно, како што рече, биле посетувани од социјални работници, се дел од системот на социјална заштита, а добиле еднократна парична помош и поддршка.
Тие ја информирале министерката дека пред две три години кога биле доделувани социјални станови ним не им бил доделен стан, туку на лица кои биле станбено обезбедени.
– Тие сакаат државен стан. Им ветив дека заеднички ќе поднесеме барање до Комисијата за државни станови да разгледаме дали во Велес има постоечки стан или друг објект во кој тие натаму можат да бидат сместени. Во државата нема станови кои можат да бидат доделени на ниту едно лице, така ниту ним, туку да можат во него да живеат- рече Царовска одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата на која беше презентиран Предлог законот за спречување и заштита од дискриминација.
Рече дека дури на денешната средба прифатиле еден месец да бидат сместени под кирија, за да се разгледаат можностите за трајно сместување.
Ваквата огромна трагедија, рече Царовска, е уште еден доказ дека е потребна промена на системот на социјална заштита, нешто на кое оваа Влада работи.
– Системот на социјална заштита е поставен да трасферира пари кон граѓаните и тука да заврши приказната. Согласно новиот закон што го работиме и треба да се применува од 2019 ќе има поголем трансфер на пари, но и подобра грижа од социјалните работници кои ќе ги следат случаиите ќе ги управуваат за тие да се издигнат над проблемите- рече министерката Царовска.
Во моментов, како што посочи, еден социјален работник води 350 до 500 случаи, што, потенцира е невозможно да се менаџира. Затоа, информира таа, во тек огласи за вработување нови 136 лица. Од јули до октомври сите социјални работници и 30 отсто од вработени во АРМ ќе посетуваат обуки за управување со социјални случаи.