Министерката за образование и наука Мила Царовска и наставниците од основните училишта во државата на онлај состанок разговараа за новата концепција за основно образование, информираат од ресорното министерство.
Царовска истакнала дека со реформите коишто ќе стартуваат од идната учебна година се унапредува образовниот модел согласно препораките на релевантни меѓународни институции и организации и се воведува современо европско образование.
– Не укинуваме ниту една научна дисциплина, затоа што се стремиме да направиме квалитетно образование во кое нашите ученици ќе се стекнуваат со сите знаења, вклучувајќи ја и историјата – посочила министерката.
Таа додала дека наставниците нема да изгубат работа, туку напротив се работи на зајакнување на кадарот затоа што реформата отвора можности за напредок.
– Наставниците ќе добијат поголема автономија во осмислување и реализација на часовите, како и поголема поддршка од системот. Ова е една од моите клучни заложби кои ќе ја подигнат мотивацијата на наставниците и квалитетот на наставата. Оттаму, колку што реформата ќе биде придобивка за учениците, токму истата е придобивка и за наставниците и образовните работници – рекла Царовска.
Од Министерството за образование информираат дека во следниот период ќе продолжат консултативните состаноци со сите вклучени страни за целосно новата концепција за основно образование.