Во контекст на актуелизирањето на увозот на отпад во земјава, посебно по случувањата во соседството, Царинската управа дополнително го подигнала степенот на проверка и контрола на секаков вид отпад и материи кои би можеле да го загрозат здравјето на граѓаните, информираат од Царинската управа.
Оттука уверуваат дека согласно стратешките определби, во насока на безбедноста и здравјето на граѓаните, увозот и контролата на опасен отпад, како стока со ризик, секогаш е предмет на царинска контрола и во рамките на надлежностите на ЦУ истата се спроведува согласно законот. Тоа подразбира задолжително поседување на соодветна дозвола за увоз од надлежното министерство, во случајов тоа е Министерство за Животна средина и просторно планирање.
– На оваа тема добивме повеќе новинарски прашања дали досега е пријавен влез во Република Северна Македонија на одредена стока од компанијата „Блацион ДОО “. Во врска со ова информираме дека согласно нашите податоци компанијата „Блацион ДОО “ не се појавува како испраќач во увозна царинска постапка. Дел од новинарските прашања се однесуваат на фирмите кои користат гориво од отпад. Согласно евиденцијата со која располага ЦУ, во текот на изминатата година само една компанија користела гориво од отпад – велат од Царинската Управа преку соопштение.
Со цел информирање на јавноста, Царинската управа сподели и информација за вкупно увезениот отпад во текот на 2019-та година. Имено, вкупната количина на увезен отпад за изминатата година е 2.215 тони, за кои што секој увозник, како што тврдат од Управата, уредно доставил дозвола издадена од соодветното министерство и при тоа не станува збор за увоз на опасен отпад.
Од Царинската управата додаваат дека со цел утврдување на евентуални неправилности тие во соработка со Министерството за внатрешни работи преземаат одредени активности во насока на истражување на увозот на отпад. Овие активности продолжуваат во континуитет и со други надлежни институции, а за исходот од истите јавноста ќе биде навремено информирана.