Употребата на тутун и изложеноста на пасивно пушење придонесуваат за приближно дванаесет проценти од сите смртни случаи кај срцеви заболувања, а елиминирање на употребата на тутунот може да заштити милиони луѓе да умрат од срцев и мозочен удар, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по повод 31 мај Светскиот ден без тутун.
Под мотото „Избери здравје, а не тутун“, Министерството за здравство и годинава во соработка со Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје традиционално го одбележуваат Светскиот ден без тутутн.
– Со оваа кампања и со заеднички заложби на сите засегнати страни во превенција и намалување на употребата на тутун, можеме многу да постигнеме во унапредување на здравјето на сите граѓани која е најважна инвестиција во општествено-економскиот развој на секоја држава- изјави Филипче.
Елена Ќосева од Институтот за јавно здравје, посочи дека според СЗО пушачите два до четири пати почесто страдаат од срцев и мозочен удар за разлика од непушачите, додека пасивните пушачи имаат 25 до 30 проценти зголемен ризик.
– Во Македонија возрасните лица од 15 до 64 години пушат во 46 проценти, од нив 54,1 процент се мажи. Кардиоваскуларните болести се одговорни за над 50 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија. Кај нас е типично дека од срцев удар повеќе умираат мажи, додека од мозочен удар повеќе умираат жени- рече Ќосева.
Прашан во однос на владината одлука за либерализација на законот за пушење, министерот Филипче, рече дека во законот е променета само дефиницијата со која се регулира пушењето надвор од затворени простории, пред угостителските објекти.
– Мое лично мислење како непушач е дека треба и понатаму активно да работиме на промовирање на кампањи за подигање на свеста од штетноста од пушењето. Во целосна координација сме со канцеларијата на СЗО и имаме сериозна поддршка од регионалната директорка Сузана Јакоб- рече Филипче.
Во однос на резултатите од анкетата на МЦМС според која граѓаните најнезадоволни се од работата на Министерството за здравство, Филипче, кажа дека здравството се соочува со многу проблеми и предизвици и потребен е систематски пристап за нивно надминување, за граѓаните да почувствуваат дека има промена.
– Работите не може да се сменат преку ноќ. Свесни сме и веќе преземавме неколку мерки. Прво, се мерки за враќање на дигнитетот на здравствените работници со зголемување на платите. Донесовме одлука за дислоцирање на Клинички центар во Скопје, на локација што ќе обезбеди интегриран здравствен систем. Пред крај е укинувањето на паралелниот увоз на лекови. Сето тоа бара време. Свесни сме дека нетрпението на граѓаните е големо. Напорно работиме и имаме план како тоа се постигнува- изјави Филипче.