Има неколку нови модели на делење на квотите на лекови за аптеките. Во предлог буџетот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за 2019 година ќе има различна распределба на квотите на лекови за различни аптеки во земјата.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој изрази надеж дека тоа ќе биде еден механизам кој значајно ќе ја смени сликата, поради тоа што со предвиденото зголемување на квотите на огромен број аптеки во земјата тие ќе можат да обезбедат доволна количина лекови за целиот месец.
Освен тоа, посочи, се менува и начинот како ќе се наплаќаат лековите, односно ќе биде според процент на искористеност на квотата, а не според рецепт, како што беше досега.
– Тоа значи дека во секој момент нема да има никаква улога дали лекот кој се издава на рецепт е од поевтините или од поскапите лекови, заради тоа што со издавањето на лекови на рецепт кои се поевтини на некој начин аптеките имаат поголема заработка и тоа беше една од причините зошто немаше лекови до 15 во месецот, а со смена на оваа методологија веруваме дека тој проблем ќе се надмине, додаде министерот Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата на Клиниката за уво, нос и грло.