Министерот за здравство, Венко Филипче, на попладневната прес-конференција по повод фаталниот пожар во модуларната ковид-болница во Тетово изјави дека од одговорност ниту бега ниту ќе бега, но инсистира на тоа да заврши истрагата.
„Имам одговорност за менаџирање на ситуацијата за пациентите што по пожарот и натаму се лекуваат, а по официјалните наоди од истрагата, ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка“, посочи министерот.
Тој нагласи дека е обезбедена целата документација за сигурноста на објектите и повика да не се шират дезинформации.
Во пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово животот го загубија 14 пациенти, од вкупно 26 што биле таму на лекување. Преживеаните 12 се префрлени во тетовската болница и се во стабилна состојба. Покрај тоа, според податоците на Филипче, присутни биле и двајца лекари и 4 медицински сестри.
Министерот исто така истакна дека починатите биле на возраст од 29 до 79 години.