Ќе го употребам речникот на епидемиолозите, вирусот мора да изгори, а вакцинацијата е единствениот начин да се стави крај што поскоро на оваа епидемија, изјави министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета на здравствениот дом во Крива Паланка одговарајќи на новинарско прашање како ќе се решава новонастанатата состојба со епидемијата на морбили на територијата на целата држава.
– Со оглед на тоа што во изминатата недела беа примени нови 126 лица со морбили и дел од нив беа од места во кои не е прогласена епидемија, што значи дека има нови автохтони жаришта што немаат врска со жариштето во Скопје, комисијата за заразни болести предложи, а според законот за заштита на населението од заразни болести како министер за здравство донесов одлука да се прогласи епидемија од морбили на територијата на целата држава. Затекнавме ситуација со 40.000 невакцинирани деца, што се десет отсто од децата кои треба да се вакцинирани, добар дел во Скопје, околу седумдесет отсто се вакцинираа, но околу 28 отсто ширум државата или околу 45 отсто од вкупниот број невакцинирани се вакцинираа, меѓутоа очигледно дека тоа не е доволно кога вирусот е веќе проширен – рече Филипче.
Невакцинирани деца согласно правилникот за имунизација од утре нема да се згрижуваат во градинките и предучилишните установи, дополнителна мерка е имунизација и вакцинација на возрасни лица со непознат вакцинален статус, ќе има посебна патека на движење на пациенти со морбили, а задолжително ќе бидат вакцинирани и невакцинирани здравствени работници.