Сите ние, а и самиот пациент Иван Огненовски бевме свесни дека тој ги живее последните недели од својот живот, бидејќи сите механизми на лекување беа исцрпени. Но, еден чин на алтруизам го смени сето тоа и Иван сега го почнува неговиот втор живот. Вака министерот Венко Филипче објасни што значела за еден човек трансплантацијата на срце, нешто што вчера во текот на вечерта и утринава за првпат беше изведено во земјава.
– Верувам дека со ова ќе се испрати порака до сите наши граѓани колку е важно органодарителството. Кардиохирургијата и медицината имаат периоди на моќ и на немоќ. До вчера не бевме моќни да го спасиме Иван и свесни бевме дека тој ги живее последните недели – рече тој.
Но, трансплантацијата, додаде Филипче, немаше да биде можна без еден чин на човекољубие и на алтруизам.
– Семејството Диневи пред неколку дена ја загуби својата мајка и сопруга и по дијагностицирањето на мозочната смрт, се согласија да ги донираат срцето и бубрезите на починатата. Сега срцето чука во градите на Иван Огненовски и тој го почнува неговиот втор живот. Бубрезите ги спасија и двајцата пациенти кои сега нема да треба да одат на дијализа – рече Филипче.
Тој рече дека трансплантацијата поминала успешно и се надева дека организмот нема да го отфрли срцето.
Во процесот на трансплантација, рече Филипче, за првпат се обединија капацитетите, знаењето и експертизата од врвните кардиохирурзи од три клиники, д-р Сашко Јовев од Државната кардиохирургија, Д-р Жан Митрев од болницата „Жан Митрев“ и д-р Александар Николиќ од „Систина“, кои „покажале дека здравјето и Хипократовата заклетва се на прво место“.
Д-р Јовев изјави дека пациентот е добар и изјави дека трансплантацијата претставува „круна во кардиохирургијата и медицината“.
– Овој зафат не само што претставува круна во кардиохирургијата во нашата земја, туку и претставува процес на заокружување на лекувањето на терминалната срцева слабост. Трансплатацијата на срце, иако најретко може да го добиеме, е можеби најдобар одговор – изјави Јовев.
И д-р Николиќ изјави дека ова е историски ден за Македонија и дека во иднина ќе има што повеќе донори.
Д-р Жан Митрев рече дека долго време не постоело разбирање за овој проблем во земјава.
– Од минатата година првпат во Македонија се дозволи вградување на вештачки срца и тоа беше првиот чекор. Понатаму сето ова беше неминовно и логично ова да се случи. Колку и како доктори да сме различни, на крајот сме исти, и имаме иста цел, а тоа е да ги лекуваме пациентите, без разлика дали сме приуватни или државни. Ова е една успешна приказна – рече тој.