Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција информираше за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 5 до 11 октомври.
Како што објасни таа, надзорите биле во насока на почитувањето на владините уредби и протоколи за превенција од коронавирусот, но и во однос на почитување на материјалните закони.
– Би сакала да потенцирам дека капацитетите на сите инспекторати се подигнати на највисоко ниво, инспекторите на терен вршат засилени контроли, навремено и неселективно се постапува во случај доколку се забележи одредено прекршување на законите и на протоколите – истакна таа.
Во посочениот период инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 2.881 контрола и 290 надзори.
При тоа поднесени се 23 прекршочни пријави, 19 кривични пријави за непочитување на ковид-протоколите (свадби, дозволен број на маси, дозволено растојание) и изречени се 5 решенија за други прекршоци.
Со оглед на изминатиот „викенд без ДДВ“, претседателката ги презентираше и податоците за контролите на Државниот пазарен инспекторат, кои се однесуваат конкретно на изминатите три дена додека траеше викендот без ДДВ.
– Инспекторите од пазарниот инспекторат вршеа интензивни контроли поради викендот без ДДВ, а во насока на контрола на тоа дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите. Тука ќе споменам дека за време на викендот без ДДВ инспекторите имаат констатирано 15 прекршоци на Законите за трговија и за заштита на потрошувачите – посочи Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет нагласи и дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат изминатата недела извршил 126 надзори по однос на здравствените протоколи и по претставки.
– Во периодот од 5 октомври заклучно со 11 октомври овој инспекторат издаде 3.929 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени – рече таа.
Државниот инспекторат за труд за седум дена спровел 409 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава, со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените.
– При овие надзори, од страна на трудовите инспектори донесени се 17 решенија што се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи – кажа Филиповска-Грашкоска.
Инспекторат за транспорт извршил 48 надзори, при што изречени се 2 кривични пријави за непочитување на здравствениот протокол за меѓународен превоз на патници на граничниот премин Деве Баир, како и 4 прекршочни пријави, 5 решенија и 9 платни налози по основ на прекршување на материјалните закони (Закон за превоз во патен сообраќај, Закон за време на мобилните работници и Законот за превоз на опасни материјали).
Во истиот период Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) има спроведено 60 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата на РСМ и издавањето на антибиотици, при што не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.
Агенцијата за храна и ветеринарство извршила 287 надзори во периодот од 5 до 11 октомври.
При тоа издадени биле 5 решенија, 2 платни налога и 40 едукации за неизвршени здравствени прегледи, неводење записи за хигиена, неспроведување на општи хигиенски мерки.
– Со цел поголемо почитување на здравствените протоколи и спречување на ширењето на коронавирусот, неодамна Владата ги усвои измените на Законот за заштита на население од заразни болести, кои беа на наше барање. Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид-протоколите. Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и за другите инспекторати на централно и локално ниво – објасни Филиповска-Грашкоска и додаде дека законските измени се веќе пратени во Собрание, а штом бидат изгласани и објавени во „Службен весник“, инспекторите веднаш ќе почнат да постапуваат според новите овластувања.