Лекари од клиниките за анестезија, реанимација и интензивна нега – КАРИЛ, урологија, нефрологија и Институтот за трансфузиологија, уште еднаш изведоа успешна трансплатација на бубрези од починат донор. Пациентите кои ги добија бубрезите се чувствуваат добро и сѐ уште се наоѓаат на одделението за интензивна нега на КАРИЛ, објави денеска министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук-профил.
По пауза од речиси три години, како што посочи, ова е втора трансплантација на бубрези од починат донор и тоа во рок од два месеца, што е голем успех за тимот лекари кои работат на вакви зафати.
Филипче на пациентите им ги честита Бадник и Божиќ и им посакува што побрзо да закрепнат за да бидат со своето семејство.