Учениците главно користат учебници што се користени од претходната генерација, бидејќи во согласност со законот тие може да се користат пет години во наставата. Сосема нови комплети добиваат единствено учениците од прво до трето одделение
Учебниците за основното и за средното образование се бесплатни, но ги има и во слободна продажба во книжарниците на издавачките куќи, доколку некој родител сака за своето дете да купи неупотребуван учебник. Дистрибуцијата на комплетите учебници е во тек, а од Педагошката служба што е надлежна за нив информираат дека тие можат да се преземат и во електронска верзија на веб-страницата e-ucebnici.mon.gov.mk. Цената на учебниците е иста како онаа по која ги откупува Министерството.
Учениците главно користат учебници што се користени од претходната генерација, бидејќи во согласност со законот тие може да се користат пет години во наставата. И покрај тоа, во практиката се случува многу пред тој рок тие да бидат оштетени, искинати и неупотребливи. Сосема нови комплети добиваат единствено учениците од прво до трето одделение.
Во тек е избор на печатница што треба да ги печати сите учебници за шесто одделение. Во текот на учебната година, поточно пред крајот на првото полугодие, очекуваме сите шестоодделенци да ги имаат новите комплети. Примена на тираж ќе има по сите предмети во ова одделение – по ликовно, техничко, физичко образование, но и по другите предмети, оти поминати се пет години откако беа печатени последен пат. Нивниот број зависи од бројот на ученици што учат на сите четири наставни јазици – информираат во Педагошката служба.
Посебен проблем во македонскиот образовен систем е немањето учебници за стручните предмети во средното стручно образование. Цели генерации ученици завршуваат цел процес на образование без учебник по најстручните предмети. На пример, повеќе од десет генерации ученици што учеле во тригодишно образование во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ станале електротехничари без учебник по најстручниот предмет Електротехника. Тие на часовите учат материјали од Интернет и од скрипти, како и од диктати на професорите. Учебници нема затоа што хонорарот за професорот автор е многу мал, па затоа ретко кој се пријавува да направи учебник.
Вања Велева, директорката на Педагошката служба, изјавуваше дека едно од решенијата за недостигот од учебници по стручни предмети во средно стручно образование е да се направат измени на Законот за учебници со кои ќе се вратат авторските права на издавачките куќи. Така, постапката за изработка на учебник би била нивна обврска, иако и во тој случај материјалите би го поминувале филтерот во Министерството, кое ќе треба да даде мислење и одобрување.
– Очекуваме дека до крајот на ноември да имаме нов закон за учебници со сите предложени новини. Тогаш би се променила постапката за избор – рече Велева.