Фото: Игор Бансколиев

Археолозите и историчарите сѐ уште трагаат по докази и спорат за автентичната локација на местото каде што се наоѓа гробот на мајката божја. За разлика од црквата, за нив гробот на Богородица претставува мистерија. За христијанските цркви нема дилема дека тоа е Гетсиманија во Ерусалим. Таму секоја година на денот кога се слави името на Богородица се собираат верници од сите христијански цркви

Пресвета Богородица е една од најчестите слави во Македонија и еден од најголемите празници во православниот календар. Името на Богородица е едно од трите што најмногу се среќаваат како називи на цркви и манастири во Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Само во Скопје и околината тоа се возобновената црква крај Вардар, манастирите во Матка и селото Побожје, потоа уште еден манастир на Скопска Црна Гора над селото Горњани, како и црквата на Водно, посветена на Рождеството на пресвета Богородица. Богородица се смета за заштитничка на градот Скопје.

Во црковниот календар има најмалку пет дена од годината што ѝ се посветени токму нејзе. Тоа се нејзиното успение, нејзиното рождество, воведението во храмот, покровот на пресвета Богородица, денот кога се слави нејзиното заштитништво, благовештение – денот за веста за нејзиното зачнување и собор на Пресвета Богородица.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и им помага на жените при породувањето. Исто така, и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на пресвета Богородица ќе добијат рожба и поради тоа ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.

На овој ден се слави заспивањето на Богородица, кое така се нарекува зашто по три дена нејзиниот син, господ Исус Христос, го воскреснува нејзиното тело на небесата.
Според теолозите, на овој ден, исто како и на Велипеток, се поставува плаштаница (везено платно што симболизира погребување), но не со ликот на Исус, туку на Богородица како лежи почината, и се прави оплакување со пеење на богородични статии. Во Новиот завет, како што посочуваат теолозите, не се пишува многу за раниот живот на Марија. Во Библијата не се споменуваат имињата на нејзините родители.
Според други извори, традиции и верувања, се знае дека родителите на Марија се викале Јоаким и Ана, кои ѝ припаѓале на лозата на цар Давид. Тие долго време немале деца, додека Бог не ги чул молитвите и им подарил ќерка.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според верувањата, Бог го одредил името на ќерката да се вика Марија, да биде Богородица. Со натприродното зачнување, кое се случило на празникот Благовештение, била исчистена од секаков грев, бидејќи од Бог добила посебна милост. Во третата година од нејзиниот живот, нејзините родители ја одвеле во Ерусалимскиот храм за да му ја посветат на Бога. Таа останала да живее во храмот, каде што била учена во тајните на пророштвата и преданието на Стариот завет и воспитувана додека не станала полнолетна. За местото на настанот сѐ уште се води спор помеѓу христијанските цркви.

Археолозите и историчарите сѐ уште трагаат по докази и спорат за автентичната локација на местото каде што се наоѓа гробот на мајката божја. За разлика од црквата, за нив гробот на Богородица претставува мистерија. Сепак, за христијанските цркви нема дилема дека тоа е Гетсиманија во Ерусалим. Таму секоја година на денот кога се слави името на Богородица се собираат верници од сите христијански цркви. Една од најблиските теории е онаа на турските археолози, кои тврдат дека Богородица била погребена во градот Ефес. Но, според црквата, тоа е местото каде што Богородица само престојувала со свети Јован Богослов.


Се празнуваат раѓањето и упокојувањето на Богородица

Кај народот постои верување во Голема и во Мала Богородица, но според теолозите таа е една и иста и не постојат две богородици, туку деновите на празнување се посветени на посебни настани. На 28 август се празнува Успението на пресвета Богородица, додека празникот што се прославува на 21 септември се однесува на раѓањето на пресвета Богородица.