Триесет и осум македонски државјани завчера безбедно го напуштиле грчкиот остров Евија каде што беснеат пожари, додека еден турист останал и е сместен во безбедниот јужен дел на островот, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

– Амбасадата во Атина стапи во контакт со неколку тур-оператори кои оперираат на територијата на Република Грција и истите имале аранжмани за островот Евија. Според информациите, во недела, на 8 август, на островот се наоѓаат 39 туристи од Македонија. Триесет и осум од нив безбедно го имаат напуштено островот, се упатиле кон други одморалишта или им заврши аранжманот и се вратија во Македонија. Додека едниот наш државјанин, кој останал на островот Евија е сместен во јужниот дел на островот Евија (во моментот безбедно место). Инаку, Амбасадата стапи во контакт со лицето и во моментот нема опасност од пожари во делот каде е сместен – се наведува во соопштението од МНР.

Министерството претходно упати апел за претпазливост при патување или престој во Грција поради ситуацијата со пожарите. При евентуална потреба македонските државјани се упатуваат да ги контактираат Амбасадата на Македонија во Атина (+ 30 694 52 82 251, +30 695 51 91 321, +30 694 47 43 071,+30 210 67 49 585) и Генералниот конзулат во Солун (+30 698 72 00 410). Досега ниту еден македонски државјанин не побарал помош.


Жителите на Евија одбиваат евакуација, на смени ги чуваат своите куќи

Жителите на островот Евија се на стража и се решени да останат во своите домови за да се обидат да ги спасат од силните пожари што го зафатија овој грчки остров, и покрај тоа што властите ги повикаа да се евакуираат.

Се очекува грчката влада денеска да објави итни мерки за помош на оние што ги загубија своите куќи и друг имот, но за некои локални жители, напуштањето на домовите во пожар не е опција.

– Полицијата дојде и ни рече да се евакуираме од селото Авгарија, но не можеме, ова е наш имот. Не можеме да дозволиме нашите куќи да изгорат. Веќе три дена спиеме на смени – рече Јанис Агелопулос (55), сопственик на продавница на северниот крај на островот, пренесува „Ројтерс“.

Пожарникарите очекуваат попладнево посилни ветрови, што може да предизвика повеќе пожари на овој втор по големина грчки остров, каде што огнот гори веќе осум дена, а други пожари на Пелопонез, исто така, би можеле повторно да се активираат.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа се извини за неуспехот на државата да се справи со пожарите што изгореа низ целата земја минатата недела, а властите брзо работат на утврдување на штетата предизвикана во катастрофата.

Мицотакис денеска треба да претседава со владиниот состанок, кога се очекува да бидат објавени посебни мерки за оние што загубиле куќи, фарми и друг имот, а вчера беше одобрен буџет од 500 милиони евра за помош на Евија и регионот Атика околу главниот град Атина.