Премиерот Зоран Заев за време на одржувањето на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Република Полска, оствари средба со премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј.
Премиерката Тереза Меј, од која премиерот на Полска го презеде претседавањето на Берлинскиот процес и организацијата на Самитот за Западен Балкан, на средбата му честиташе на Заев за копретседавањето со овој процес со Република Бугарија во наредните 12 месеци.
Двајцата соговорници на средбата ја истакнаа соработката меѓу двете земји и во мисиите на НАТО. Премиерот Заев беше информиран дека постапката за ратификација на Протоколот на пристапување на Република Македонија во алијансата во британскиот парламент е во завршна фаза.
Премиерката Тереза Меј ја поздрави препораката на Европската Комисија за старт на преговорите за нашата земја со ЕУ и изрази надеж дека тоа навистина ќе се случи во октомври како што најавија повеќето земји членки на ЕУ.