Со кредит во висина од сто милиони евра и грант во износ од 7,5 милиони евра, обезбедени преку германската КФВ банка, во наредниот период ќе се реализираат два проекта во земјава. Со првиот проект се очекува 14 илјади хектари земјоделска површина да добие систем за наводнување, а со вториот проект седум студентски дома ќе станат енергетски ефикасни.
Ова беше соопштено на вчерашното потпишување на договорите за финансирање на проектите меѓу министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Секторот за енергија и транспорт на КФВ за ЈИЕ и Турција, Пабло Обрадор, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министерот за образование и наука Арбер Адеми и заменик-амбасадорот на СР Германија, Ото Граф.
Проектот за енергетска ефикасност на студентските домови, како што рече министерот за образование Адеми, ќе почне да се реализира идната година и треба да заврши до 2024 година.
– Зборуваме за темелна реконструкција на објектите и нивно енергетско ефикасно подобрување. Замена на врати, прозорци, покривни конструкции, нови фасади, замена на електричната и водоводната инсталација, обнова на санитарните јазли и кујните, односно сѐ што е потребно за подобрување на условите во домовите – рече Адеми.
Станува збор за реконструкција на студентските домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид.
Директорот на Секторот за енергија и транспорт на КФВ за ЈИЕ и Турција, Обрадор, посочи дека дел од парите односно грантовите е обезбеден од Европската Унија и Европската комисија, кои ги поддржуваат двата проекта.
Што се однесува до програмата за наводнување, предвидено е да бидат изградени системи по текот на реката Вардар и мали хидроцентрали во рамките на браната „Лисиче“.
– Со програмата за наводнување ќе се подобрат условите за производство и зголемена вредност на целиот сектор. Ќе овозможи опстанок и на младите да отвораат бизниси, а фармерите ќе станат поконкурентни – објасни министерот за земјоделство Димковски.