Фото: Игор Бансколиев

В недела почнува најголемата статистичка операција во земјава

Во пресрет на пописот, кој почнува в недела, на 5 септември, нашиот весник подготви своевиден граѓански водич со сите детали што се важни за граѓаните и кои ќе им овозможат да ги дочекаат попишувачите подготвени, а во функција на брзо, ефикасно, квалитетно и безбедно спроведување на оваа важна операција

Пописот на населението, домаќинствата и становите започнува в недела (5 септември). Тоа е најголемата статистичка операција што во земјава не е направена веќе две децении, а која е исклучително важна за креирање на идните развојни политики и од тие причини, огромни се очекувањата во јавноста дека конечно ќе се организира успешен попис.
„Нова Македонија“ во пресрет на пописот ги објавува сите детали што се важни за граѓаните и кои ќе им овозможат да ги дочекаат попишувачите подготвени, со што целиот процес во домаќинствата ќе се одвива брзо, ефикасно и безбедно од здравствен аспект за сите, со оглед на актуелните стравување и ширењето на новиот бран на ковид-19.

Фото: Игор Бансколиев

 

Обврски на попишувачите

Според Законот за попис и според Методологијата за пописот, попишувачите ќе излезат на терен во 8 часот изутрина на 5 септември.
Секој попишувач е задолжен со еден пописен круг, кој, во просек, значи од 80 до 120 домаќинства. Попишувачот е должен, а тоа и ќе се случи, ден пред почетокот на пописот (сабота на 4 септември) да направи обиколка на својот пописен круг според скицата што ја има, добро да ги утврди границите и да си направи распоред на движење.
Задржувањето во едно домаќинство зависи од бројот на членови на домаќинството, но не би требало да биде подолго од дваесетина минути за едно четиричлено домаќинство.
Со оглед на ковид-протоколите, секаде каде што е можно, попишувањето ќе се спроведува на отворено. Според протоколот, попишувачите задолжително ќе носат маска КН95 и дезинфекциско средство со кое ќе ги дезинфицираат својот лаптоп и рацете пред влегување во домовите. Тие се инструирани престојот во домовите да го направат колку што е можно пократок, да одржуваат дистанца, да замолат да се отворат прозорци додека трае попишувањето, да нема непотребни задржувања, а најстрого им е забрането консумирање храна и пијалаци во домовите каде што ќе попишуваат.
Пописот првично требаше да се одржи од 1 до 21 април годинава, но се одложи поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.

Термини на посета

Граѓаните што во моментот на посетата на попишувачот не се затекнале дома, на својата врата ќе добијат известување за повторно доаѓање со датум и време. Попишувачот е должен да доаѓа во различни периоди од денот сè додека не го најде домаќинството дома за да го спроведе попишувањето.
Она што исто така многу ги интересира граѓаните е тоа што ќе се случува ако во периодот на спроведувањето на пописот тие престојуваат во своите викендички и станови на локации различни од онаа каде што вообичаено живеат или ја имаат во личните документи.
– Тоа не е никаков проблем, бидејќи попишувачот ќе ги попише таму каде што ќе ги затекне, а ќе ја запише и адресата на нивното вообичаено живеење, односно местото каде што тие поминуваат најголем дел од својот дневен, односно ноќен одмор – појаснуваат од Државниот завод за статистика.

Потребни документи за идентификација

При посетата на попишувачот на едно домаќинство, потребно е лицата што ќе се попишуваат да покажат каков било личен документ од кој попишувачот ќе може да го преземе матичниот број на лицето.
Тоа може да биде лична карта, пасош, возачка дозвола, здравствена легитимација, ученичка/студентска книшка/легитимација, односно каква и да е исправа.
Од ДЗС информираат дека документите за идентификација ќе бидат прифаќани без оглед дали им е истечен рокот, бидејќи единствен податок што им е потребен на попишувачите е ЕМБ на граѓанинот. Никакви други документи не се потребни за попишувањето.

Можност за вакциниран попишувач

Оние граѓани што не сакаат да примат во својот дом невакциниран попишувач треба да го соопштат тоа кога ќе ги посети попишувачот, по што во следниот период ќе им биде обезбеден вакциниран попишувач.
Ова го потврди и првиот човек на ДЗС, Апостол Симовски, кој вели дека најголем број од попишувачите се вакцинирани и дека ќе ги следат протоколите до максимум.
– Доколку, пак, некој граѓанин нема да сака да го попишува невакциниран попишувач, дополнително ќе им се обезбеди попишувач што е вакциниран – најави Симовски.
Според протоколите за спрoведување на пописот, попишувањето на лицата што се во изолација поради ковид, доколку изолацијата им трае додека е пописот, ќе се изврши откако ќе излезат од изолација, иако за нив податоци може да даде и некој близок што не е во изолација, а ги знае сите податоци за лицето.
Токму проблемот со невакцинираните попишувачи беше нагласуван во последниот период кај дел од граѓаните, кои преку националниот блок „Не отворам врата“ побараа од пратениците во македонското собрание да го одложат пописот, во спротивно се заканија со бојкот. Тие бараат да се одложи пописот затоа што сметаат дека за време на пандемијата на ковид пописот би бил животозагрозувачки за граѓаните.

Што содржи анкетниот прашалник

Попишувачите откако ќе го добијат матичниот број на лицето што се попишува, отвораат прашалник што содржи околу шеесетина прашања, но со внесувањето на матичниот број на граѓанинот автоматски ќе се отвори претпописната база на податоци од каде што ќе се повлечат сите податоци што за тоа лице постојат во некоја од базите, која е дел од претпописната база и дел од тие 60 прашања веќе ќе бидат автоматски пополнети.
За секое лице бројот на овие податоци е различен, меѓутоа, на пример, за едно вработено лице, тоа се приближно 60 отсто од прашањата во прашалникот. Тоа значи дека попишувачот само ќе му ги прочита податоците на попишуваното лице за тоа да ги потврди и, секако, ќе мора да одговори на податоците за етничка припадност, религиска припадност, мајчин јазик и јазик што вообичаено се зборува во домаќинството, бидејќи овие прашања се однесуваат на личното чувство на граѓаните.
Во прашалникот постојат модули за станот/живеалиштето и ако, на пример, тоа е зграда, попишувачот во првото домаќинство во кое ќе влезе во зградата ќе праша за годината на изградба на зградата, материјалот од кој е направена, какви инсталации има во зградата, колку ката, дали има лифт, дали има пристапна рампа за лица со попреченост и сл., а во другите домаќинства нема да ги поставува тие прашања бидејќи се исти за целата зграда. На тој начин се скратува процесот на попишување и престојот на попишувачот во едно домаќинство.
Меѓу другото, предмет на интерес на попишувачите ќе бидат и условите за домување, основата по која се користи станот, начинот на загревање, дали домаќинството поседува земјоделско земјиште, добиток и слично.
Понатаму следува список на лица што живеат во станот, како и положбата на лицето што се попишува во домаќинството и семејството. Се наведуваат лични податоци, државјанство, образование, етничка и религиска припадност, број на деца, во каква заедница живее, како и други дополнителни потпрашања.
Граѓаните ќе бидат прашани и дали се вработени, место на работното место, како одат до работа и други детали поврзани со работното место.