Потребата за изградба на нов објект, од МВР ја објаснија со обврската за почитување на меѓународните стандарди за сместување на овие лица, бидејќи и домашните и меѓународните релевантни институции и организации имаа голем број забелешки на условите во објектот во кој сега е сместен центарот за прифаќање странци
Со финансии од Европската Унија наскоро треба да започне изградбата на нов прифатен центар за странци, кој со ист капацитет треба да го замени постојниот објект во Гази Баба, бидејќи тој е руиниран и функционира во лоши услови. Оваа информација, која во текот на изминатава недела беше предмет на расправии помеѓу власта и опозицијата, во меѓувреме, ја потврдија и од Министерството за внатрешни работи. Од МВР, за медиумите неодамна информираа дека поради супстандардноста на постојниот Прифатен центар за странци во Гази Баба, од каде што објаснија дека намената на овој центар е привремено да прифати странци до завршување на соодветните законски постапки, потребно е да се изгради нов објект, кој со ист капацитет во целост ќе биде усогласен со меѓународните стандарди.
Потребата од изградба на нов објект од МВР ја објаснија со обврската за почитување на меѓународните стандарди за сместување на овие лица, бидејќи и домашните и меѓународните релевантни институции и организации имаа голем број забелешки на условите во објектот во кој сега е сместен центарот за прифаќање странци.
Граѓанскиот активист Јасмин Реџепи од невладината организација „Легис“, објаснува дека со изградбата на новиот објект на прифатниот центар за странци само ќе се подобрат условите за престој на странците, кои привремено се наоѓаат во нашата држава.
Според Реџепи, овој нов објект, кој ќе биде лоциран во близината на касарната „Илинден“ ќе го има истиот капацитет за прием на луѓе како и актуелната барака во Гази Баба, но ќе биде похуман и изграден по европски стандарди бидејќи се финансира од парите на ИПА-фондовите на ЕУ. Тој истакнува дека во овој нов објект ќе престојуваат луѓе, кои поради одредени законски процедури мораат краток период да престојуваат во Македонија и во практика овие лица се задржуваат во земјата само неколку седмици, а потоа или се депортираат во матичните држави или најчесто се враќаат во државите од кои пристигнале тука односно во Грција. Реџепи вели дека постојниот објект има капацитет да собере околу 150 луѓе, а за време на бегалската криза во него биле сместени околу 400 бегалци.
– За жал, актуелната барака е многу руинирана и ги нема сите хумани услови, затекнатите странци во земјата хумано да престојуваат пред да си заминат од тука. Има само една голема просторија и нема дури ни двор за овие луѓе да излезат на воздух – вели тој.
Според него, во моментов во Македонија има приближно 50 лица што се згрижени заедно во Прифатниот центар и во Центарот за азил во Визбегово во кој, пак, има околу 200 легла. Според Реџепи, никој од нив не сака да остане во Македонија и целта им е да стигнат до некоја од западноевропските земји. Инаку, според последните официјални статистики, во текот на ланската година, барање на право за признавање азил во Македонија поднеле 299 лица, од кои, 46 од Авганистан, 14 од Бангладеш, осум од Индија, 72 од Ирак, 19 од Иран, по шест од Конго и од Шри Ланка, по две од Косово и од Русија, пет од Либија, три од Мароко, по едно од Непал, Еритреја, Алжир, Палестина и од ОАЕ, 89 од Пакистан, две од Русија, 12 од Сирија и десет од Турција. Во текот на 2018 година, на три лица од Конго им е признаен статус на супсидијарна заштита во Македонија, а во јануари 2019 година вкупно пет лица поднеле барање за признавање право на азил во РМ, по едно од Турција и од Авганистан, а три лица од Пакистан.