За нас не постои друг приоритет освен гасификацијата, бидејќи во овој момент нема поеколошки извор на енергија за големи корисници и затоа останува приоритет на Владата на Република Македонија. Ние во рамки на Планот за чист воздух, заедно со Министерството за здравство, ќе посветиме големо внимание да го заокружиме затоплувањето на овој капацитет, кој е многу значаен и за регионот, рече заменик министерот за екологија и просторно планирање, Јани Макрадули, при денешната посета на струмичката Болница и на мерната станица за мерење на аерозагадувањето.
Додаде дека има подготвеност и од општината за решавање на овој проблем.
-Струмица прва го започна процесот на гасификација и е пример за другите општини. Затоа верувам дека ќе го заокружи процесот на гасификација на сите јавни установи кои се во планот за приоритети на Владата за чист воздух во Македонија, додаде зеаменикот министер Макрадули.
Најави дека во повеќе домаќинства ќе се реализира пилот-проект за замена на нееколошките печки на дрва со инвертори или топлотни пумпи или со приклучување на гас во зависност од условите, цената и квалитетот.
Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, информираше дека општината поднела иницијатива до Владата за намалување на стапката на ДДВ за гасот од 18 на пет проценти и дека има расположение таа да се промени.
Директорот на ЈЗУ „Општа болница Струмица“, д-р Наќе Гогов, истакна дека болницата за последен пат се затоплува на мазут и дека од наредната сезона очекува таа да биде приклучена на градската гасоводна мрежа.