Одбележан денот на Здружената оперативна команда на АРМ
Во Северноатлантската алијанса влегува целото македонско општество, но повеќе од јасно е дека армијата е таа што го предводи патот. За македонската висока политика овој чин претставува успешно завршена работа. Но за нас во армијата, допрва претстои сериозна работа за целосно интегрирање во воената компонента на Алијансата, кажа командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал-мајор Павле Арсоски, во својот говор пред ешалоните на припадниците на командата и сите потчинети единици на ЗОК, кои го прославија 17 октомври – Денот на единицата, со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
– Годинава меѓу двата празника се случија многу суштински промени, кои во ваква пригода треба да се истакнат особено, бидејќи тие промени позитивно влијаат на перспективите на сите нас во армијата. Нашата татковина ја доби долгоочекуваната и одамна заслужена покана за прием во НАТО. Стратегиската насока од осамостојувањето е пред конечно остварување. Ако минатата година имавме надеж дека наскоро ќе бидеме дел од големото семејство на НАТО, денеска веќе сме сосема сигурни дека стануваме 30-та членка на Алијансата, што за нас отвора нови можности и перспективи. Со таа стратегиска определба и стремеж, на армијата ѝ пристапуваа, во нејзините редови созреваа и се усовршуваа цели генерации старешини и војници. Денеска со гордост истакнуваме дека армијата во изминатите 27 години беше лидер и предводник на усвојување стандарди предвидени за една држава-членка на НАТО – истакна Арсоски.
На воената свеченост присуствуваше и македонскиот претседател и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, кој се сретна со неколку генерали во армијата. Во пресрет на полноправното членство на Македонија во НАТО, во фокусот на разговорите на средбата беа состојбите и подготвеноста на нашата армија.