Пред многу години актерската двојка Милена Дравиќ и Драган Николиќ имале вила на Јадранот, на Тиват, Црна Гора. Околу вилата сместена во Которскиот Залив имало многу змии. Актерите се плашеле од змиите, па од Индија донеле мунгоси за колку-толку да ги истребат влекачите. Вака се доселиле мунгосите во крајбрежјето на Црна Гора.

Оваа легенда е масовно проширена низ населението во Тиват, а како интересна приказна за туристи ја раскажуваат и морските биолози од природниот резерват Тиватски солила.

Александра Ивановиќ, морски биолог и вработена во јавното претпријатие за управување со морското добро на Црна Гора објаснува дека мунгосите живеат на оваа локација, како и дека во природниот резерват Тиватски солила во моментов има само четири вида змии.

Александра Ивановиќ, морски биолог

– Луѓето се плашат од змии, па така на еден состанок со претставници на општината, кога говоревме за состојбата на Тиватските солила, го кажавме податокот дека има само четири вида змии, некој кажа: А, па зарем тоа не е добра вест?! Луѓето не разбираат дека таа бројка е мала и дека биолошката разновидност е многу важна за зачувување на целиот екосистем – вели Ивановиќ.

Тиватски солила се локалитет на кој живеат и виреат ретки и загрозени растителни и животински видови, а е и клучно одморалиште за птици-преселници.

На ова подрачје регистрирани се повеќе од 110 видови птици, од кои дури 100 имаат статус на заштитени видови. Солила се живеалиште и за 14 вида водоземци и влекачи, а дел од нив Меѓународната унија за заштита на природата ги има ставено во групата „ранлива категорија“, зашто се загрозени видови на раб на опстанок на глобално ниво. Поради ова Тиватски солила во 2008 година е ставена под заштита како посебен резерват на природата и е во Централниот регистар на заштитени природни подрачја на Црна Гора. Овој статус го имаат само неколку познати плажи што се наоѓаат на црногорското крајбрежје.

Птиците најдобро се набљудуваат од февруари до крајот на април

Мунгосите не живеат само во Црна Гора. Хрватска, со години наназад се „бори“ со овие цицачи. Мунгосот во Хрватска е донесен во почетокот на 20 век, со истата цел – да се истребат змиите.

Македонија не е исклучок. На Голем Град, како најголемото природно живеалиште на змии, правени се обиди за уништување на змиите со ежови во 1949 и со мунгоси во 1969 година.

Островот Голем Град

Херпетологот Богољуб Стеријовски од Македонското еколошко друштво, кој интензивно работи и го проучува Голем Град, ја потврдува приказната.

– Дедо ми ми има кажувано дека на времето, на островот во 1960-те донеле четири мунгоси – двајца машки и две женки. Тоа го потврдуваат и од Националниот парк. Тие не преживеале.

Само еден од нив го нашле удавен во водата, а другите тројца не се ни најдени. Мунгосите можат да живеат во Црна Гора и во Хрватска заради изразената медитеранска клима, а во Преспа нема таква клима. Од средина на октомври до средина на март змиите не се активни, одат во скривалишта, под земја, во дупки, и мунгосите во текот на зимата немаат што да јадат. А други животни на Голем Град нема, па мунгосите умреле од глад – објаснува експертот за змии, Стеријовски.

Биолозите сметаат дека носењето видови што не се карактеристични за поднебјето може да донесе поразителни резултати во целиот екосистем.

– Стравот ги терал луѓето да носат други видови. Тоа се случувало во минатиот век, а од денешна гледна точка такво нешто е незамисливо. Носењето неавтохтони видови, нетипични за нашето поднебје, влијае негативно врз квалитативниот и квантитативниот состав на животинскиот состав. Носење неавтохтони видови од која било класа е спротивно на биолошките правила зашто може да настане нарушување на биодиверзитетот. Низ светот постојат многу примери кога човекот е оној што и` згрешува на природата. Последен ваков случај е на Флорида. Таму постоеше фарма за питони, чие природно живеалиште не е Америка. Ураганот Катрина ја урна фармата, па питоните се раширија низ цела околна територија по мочуриштата и прават големо уништување на целиот тамошен животински свет – вели Стеријовски.


Се одржа регионална конференција на еколози од цел Балкан

Работилница за медиуми и членови на регионалната мрежа „Бионет“ се одржа минатата недела во Будва, Црна Гора.
„Бионет“ е регионална невладина мрежа за биолошка разновидност во која членуваат 14 невладини организации од седум земји: Албанија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија.
Целта на оваа мрежа е масовно да се подигне свеста за зачувување на природната разновисност, како од растителниот, така и од животниснкиот свет.
Од Македонија член на оваа мрежа е Македонското еколошко друштво.