Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска одговарајќи на пратеничко прашање во врска со прислушувањето во Основното јавно обвинителство рече дека телефонската централа во Обвинителството е набавена во 2012 година и оти имала можност за снимање на разговорите.
Иста таква централа, како што посочи Спасовски, има и во зградата на Основниот суд Скопје 1, но бидејќи објектот се уште не е во употреба, не може да се злоупотреби.
За ова, Спасовски уште во април на средба ги информирал јавниот обвинител на Република Македонија, претседателот на Кривичниот суд Скопје 1 и заменикот на министерот за правда.
– Преку извори, овие информации ни ги дадоа луѓе и јас ги информирав јавниот обвинител на РМ, претседателот на Кривичниот суд Скопје 1 и заменик министерот за правда на состанок во април на кој им дадов сознанија и укажавме на можноста да биде злоупотребено снимање на разговори во централата во ОЈО. Станува збор за централа набавена 2012 година со можност за снимање на разговорите и таквите разговори можеле да бидат користени исклучиво од тој кој раководи со институциите, рече Спасовски.
Очекува дека точно ќе се открие кој ја искористил ваквата можност и зошто била потребна набавка на ваква централа со можност за снимање.
Основното јавно обвинителство во ноември излезе со информација дека разговорите од фиксните телефони биле прислушувани од 2016 година.