Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, вечерва се обрати на Свечената академија посветена на Националниот ден на Србите во земјава – празникот „Свети Сава“, која се одржа во МНТ под покровителство на Владата.
На свечената академија, покрај претставниците на српската заедница во земјата, присуствуваа и гости од Република Србија и Босна и Херцеговина, меѓу кои и генералниот секретар на претседателот на Република Србија, Никола Селаковиќ, и членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик.
Спасовски во своето обраќање истакна дека делото на Свети Сава инспирира и осум века по неговата смрт.
– Свети Сава е втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ и основач на царската лавра во манастирот Хиландар на Света Гора Атоска. Тој е просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска. Свети Сава е молитвен застапник на сите кои преку него побарале помош од Бога, посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи. На овие негови вредности, овој свет човек повикува и денес. Неговите пораки се толку силни и толку потребни и во денешно време. Затоа е многу важно кога го славиме и кога повикуваме на практикување на неговото дело и самите да бидеме пример и да ги применуваме неговите големи пораки – рече Спасовски.
Премиерот истакна дека Владата креира и спроведува политики кои манифестираат грижа за заедницата на Србите во Македонија.
– Српскиот јазик е службен јазик во општините Куманово и Старо Нагоричане. Владата лани донесе одлука да се изучува српскиот јазик како факултативен јазик во основните училишта. Тимот што работеше на програмата за изучување на српскиот јазик ја заврши работата и таа е предадена на натамошна постапка во Бирото за образование. Се работи и веќе е при крај е и програмата за четврто одделение во основно образование. Тоа се постапки и дела на оваа влада кои претходно не беа познати – рече Спасовски.
Тој додаде дека во општината Центар во Скопје, во тек е расправата на деталниот урбанистички план во кој се предвидени објекти за современ културен центар за српската заедница и ново училиште кое предвидува паралелки во кои ќе се учи на српски јазик согласно образованите програми што се подготвуваат.
За кратко време, најави премиерот, ќе биде пуштена јавна анкета и за мал ринг каде ќе се наоѓа новата амбасада на Република Србија и уште еден простор за промоција и афирмација на културните традиции на Србите во Македонија.
– Така се гради заедништвото денес: Со почит кон традициите на сите – заклучи Спасовски во своето обраќање.