Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Скопје учествуваше на форумот посветен на „Родовата перспектива и улогата на жената во реформата на безбедносниот систем“, што во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ и Програмската канцеларија на UN WOMEN се одржа во скопскиот хотел „Дабл Три Хилтон“.
Притоа, во поздравното обраќање на форумот, осврнувајќи се на работењето на МВР, министерот Спасовски акцентираше некои битни состојби во поглед на важноста и застапеноста на женската популација во безбедносниот сектор.
– Едно од клучните прашање во развојот на современите демократски и вредносни трендови, меѓу другото, е и прашањето околу родовата рамноправност и адекватната застапеност на женската популација, првенствено како суштински и активен чинител во севкупниот општествен развојот. Вклучително, и во сфери како што е безбедноста“ – нагласи министерот Спасовски.
Нотирајќи ги реалните иницијативи за надминување на дискриминацијата или предрасудите од било каков вид, преку взаемно почитување на различностите и објективно вреднување на потенцијалите, што како крајна цел има конкретен придонес во создавањето подобра иднина за следните генерации, министерот Спасовски потенцираше: „Во годините зад нас беа направени низа, пред сѐ нормативни измени и решенија, со кои се создадоа фундаменти за порешителен и значаен исчекор во оваа област. Со тоа се отвори простор за посилно вклучување на жената во сите институционални и други структури, во процесите на креирање политики и носење одлуки, во процесите на проценување и решавање, така што и статистички и суштински драстично се измени состојбата во полза на вклучување на женската популација како рамноправен актер во сите општествени текови“.
Според министерот Спасовски, последните сондажи за половата структура на МВР покажуваат дека над четвртина од вработените во оваа институција се жени меѓутоа, по однос на систематизациската застапеност на овластените службени лица, полициски службеници, државни службеници и административен персонал, сѐ уште постојат извесни разлики, независно што жените заземаат некои од клучните позиции во управувањето со организициската структура на министерството.
– Оттаму, не треба да постои дилема дека улогата на жената во безбедносниот сектор е извонредно важна и, секако, нужна. Квалификативите, но и оној посебен сензибилитет, перцептивност и интуитивност, како препознатливи својства на женската популација, што според мојот впечаток се и тоа како неопходни, особено во процесите на креирање и донесување одлуки, а безбедносната реформа, меѓу другото, се содржи токму од тоа, претставуваат неспорен квалитет што мора да биде исползуван и којшто, бездруго, носи добар и посакуван резултат – рече министерот Спасовски.
Инаку, Форумот имаше за цел да предизвика активна дискусија, во која фокусот ќе биде ставен на идните конкретни чекори и политики кои ќе се преземат во однос на предизвиците со кои се соочуваат жените професионалци во безбедноста, притоа имајќи ги превид меѓународните трендови и најдобрите практики, институционалните предизвици и мерките што се преземаат во насока на подобрување на работните услови.