Единствено што сметам дека е исправно е тоа да се одбие барањето за азил и Никола Груевски да биде екстрадиран во Македонија и да ја извршува казната. Тоа е принцип за кој сите ние се залагаме и тоа се европски принципи за кои секојдневно разговараме и во Република Македонија. Ова вечерва го истакна вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Посочи дека не само што е чудно, туку е и жално, држава-членка на Европската унија да биде место во кое дошол поранешен премиер на Република Македонија, кој е осуден поради криминал.
– Недозволиво е една земја-членка на ЕУ да дава поддршка на вакви лица. Никола Груевски нема апсолутно никаква друга закана која е политичка или закана по неговиот живот од политички аспект за тој да бара азил. Досега во ниту еден момент ниту Никола Груевски, ниту членовите на неговото обезбедување немаат пријавено во МВР дека некој им се заканува, рече Спасовски.
Истакна дека треба да се размисли сериозно во однос на одлуката за азил дали вреди, дали е добро да се носи таква одлука во услови кога не само поради ова кривично дело, не само поради правосилната пресуда, туку и поради тоа што треба да се земе предвид дека против него се водат уште многу постапки во судовите. Во врска со тоа дали логистичката поддршка што ја имал Груевски е од Република Македонија или од соседните држави, рече дека еден или друг учествувал во неговата евакуација.
– Очигледно дека секој кој сака да направи еден таков потег, чекор, мора да има поддршка и во тој случај ќе работиме на детектирањето, обезбедувањето на информации, податоци за тоа дали и кој ја дал таквата поддршка, нагласи Спасовски.
Нагласи дека е изненаден и не сака да коментира ниедна од судските одлуки, меѓутоа зависно од тоа колку кривични дела се направени, колку постапки се водат судот против едно лице, каква е вредноста што ја направиле по штета на државата или кој било поединец треба да бидат сразмерно високи и тие мерки.
– Значи можела да биде изречена мерка притвор. Ако тоа беше случај со Груевски, ако беше во притвор немаше да се случи ова што се случи сега. Ако гарантираше со неговиот имот, денеска ќе му беше одземен. Меѓутоа беше одредено само да се одземе неговата патна исправа. Сериозно внимание треба да посветат и обвинителството и судот во однос на овие процеси, бидејќи тие се единствено надлежни за барање на мерките. МВР нема никаква надлежност во водењето на кривичната постапка, освен она што ќе го добие како наредба од јавниот обвинител или од судот, потенцира Спасовски.
Појасни дека при извршените проверки во станот во кој живее Груевски, неговата сопруга била дома и овозможила луѓето да влезат во станот и да се изврши проверката. Посочи дека изутрината биле и на локација каде живее неговата мајка, за да видат дали може и таму да се наоѓа Груевски.
– Извршена е и проверката таму, мајка му била тука, значи и таа како член на семејството не е замината со него. Се прават микро и макро планови во делот на постапувањето на Одделот за потраги. Ние тоа вчера го направивме, ги мапиравме микро локациите каде може да се наоѓа Никола Груевски, се знае макро локациите излезите на главниот град, границите, излезите на Република Македонија и врз основа на тоа се постапува оперативно во таа криминалистичка постапка, истакна Спасовски.
Тој најостро ги демантираше сите зборувања во јавноста дека постои каков било договор со ВМРО-ДПМНЕ, односно со Никола Груевски и другите кои се дел од тие постапки.