Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска присуствуваше и се обрати на настанот за подигнување на свеста за ракот на дојката „Трка за лекот“ во Градскиот парк.
– Имаме двојна обврска во врска со едукацијата, превенцијата и лекувањето не само на ракот на дојката, туку и на вирусот кој се заканува да ја загрози жената која е веќе засегната од друга болест – истакна г-а Ѓоргиевска, додавајќи дека е потребно да се обезбедат средства за сите центри за грижа за заболените жени, кои освен нега, нудат и она што е многу важно, а тоа е психолошката поддршка.
„Во текот на месецот октомври многу светски знаменитости ќе светат во розова боја, а со тоа да привлечат внимание за важноста од раната дијагностика од ракот на дојката и затоа денес ќе потсетам на главното правило во животот, подобро да се спречи отколку да се лечи. Ве молам практикувајте самопрегледување на градите, редовни посети кај лекарите и годишни мамографии.
Розовата панделка е симбол на борбата против оваа болест и симбол на поддржување на сите што се засегнати. Розовата панделка ја носат излечените, но и сите оние кои сакаат да ја подигнат свеста за оваа болест којашто е всушност, една од најсмртоносните болести кај жените. Исто така, сакам да го свртам внимание на потребата од собирање на средства за донирање во сите центри за грижа за заболените жени, кои освен нега, нудат и она што е многу важно, а тоа е психолошката поддршка. И, да не заборавиме: никогаш не е премногу доцна за промени кон здрав живот. Не е важно колку години имаме, промените во животот кон добро здравје не знаат за возраст. Да бидеме најдобри пријатели со своето тело и да ги слушаме неговите предупредувања“, рече таа.
На настанот се обратија и министерот за здравство, Венко Филипче и американската aмбасадорка во земјава, Кејт Брнс.
Организатор на настанот е Здружението „Борка“, коешто се приклучи на кампањата која се одвива речиси во многу европски држави и градови, а кај нас кампањата и финалните настани освен во Скопје ќе се одржат во 13 градови.