Во Кабинетот на претседателот на Република Македонија денеска се одржа конститутивната седница на Советот за безбедност. Учесниците на состанокот констатирале дека состојбата во земјата и во регионот е стабилна и засега нема индиции дека би биле загрозени границите или пак интегритетот и суверенитетот на Македонија.
-Сите надлежни институции во континуитет ги следат ситуациите коишто потенцијално би можеле да прераснат во посериозен проблем, како што е мигрантската криза – соопштија од Кабинетот на претседателот.
На седницата присуствуваа постојаните членови на Советот: премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за одбрана, Радмила Шекеринска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за надворешни работи Никола Димитров. Исто така присуствуваа и членовите на Советот, назначени од страна на претседателот Пендаровски: професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски.
На покана на претседателот на денешната седница на Советот за безбедност присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и заменик началникот на Генералштабот, генерал – мајор Азим Нуредин.
Покана за учество добил и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но тој не дошол. Пендаровски рече дека нема одговор зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не присуствувал на седницата на Советот за безбедност.
-Сметам дека претставниците на опозицијата, особено на најголемите, најрелеватните опозициски партии мораат да присуствуваат по покана од претседателот на состаноците на Советот за безбедност, затоа што Советот не е приватна институција на претседателот и на седниците не се дискутира за приватни и партиски работи – рече Пендаровски.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој се осврна и на случувањата во регионот, при што посочи дека од влијателни меѓународни фактори пристигнуваат информации за можно заживување на дијалогот Белград-Приштина што може да влијае на состојбите на Западен Балкан. Република Македонија граничи со двете држави и затоа, нагласи Претседателот, треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите. Тоа, додаде тој, подразбира ние да ја објаснуваме нашата позиција и кое решение би било најпозитивно за нас како држава.
На седницата е договорено Советот за безбедност да се состанува на секои два до три месеци. Како што изјави претседателот Стево Пендаровски, ова е прва седница по цели три години на Советот за безбедност кој е уставна категорија и исклучително важен орган, но поради немањето политичка волја, Советот бил маргинализиран и заборавен.