Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот и токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) советува за полесно справување со предизвиците од ноќното возење.
– Најголем предизвик кај ноќното возење е слабата видливост на патот и околината. Една студија во САД покажува дека од една третина до една половина од сите возила имаат слабо или погрешно насочени фарови и светла. Затоа, доколку патувате во ноќни услови, задолжително проверете дали светлата и фаровите работат со максимална ефикасност, велат од РСБСП.
За подобра видливост, помало напрегање и помал замор при возењето во ноќни услови, светлата, фаровите, ретровизорот, ветробранските стакла и страничните стакла, секогаш треба да бидат максимално чисти.
Од РСБСП посочуваат возачите со сериозни проблеми со видот најдобро е да не учествуваат во сообраќајот, особено во ноќни услови и во услови на дожд кога видливоста е значително загрозена.
– Според англиските оптичари околу 90 отсто од реакцијата на возачот зависи од видот. Затоа, секогаш кога возите, а особено кога возите во ноќни услови, доколку имате проблем со видот, задолжително користете ги оптичките помагала, велат од РСБСП.
Оттаму посочуваат дека возачите доколку имаат проблеми со видот и доколку користат оптички помагала, пред да започнат со патувањето, да почекаат неколку минути во автомобилот очите да се прилагодат на темнината.
Според англиската асоцијација на оптичари, прилагодувањето на темнината значително ќе ја подобри способноста за гледање во мракот.
– Возачите кои имаат проблеми со видот, во услови на ден и силно сонце, пожелно е редовно да користат очила за сонце и на тој начин полесно ќе се прилагодат за возење во услови на темнина, посочуваат од РСБСП.
Оттаму додаваат дека и намалувањето или елиминирањето на пушењето е особено важно затоа што чадот од пушењето ја намалува визуелната способност на возачот.
– Согласно ЗБСП користењето на светла во Република Македонија е задолжително и дење и ноќе и таа обврска треба секогаш да се почитува. Доколку некогаш ги немате вклучено светлата и се прашувате дали е доволно темнина да ги вклучите светлата, тоа значи дека првите симптоми за намелена видливост се веќе присутни и треба веднаш да ги вклучите светлата, истакнуваат од РСБСП.
За поглема безбедност секој возач, секогаш треба да внимава на дозволената брзина, но во услови на ноќ, брзото возење повеќекратно го зголемува ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.
– Користете ги долгите светла, но истовремено бидете внимателни и не ги заслепувајте возачите кои доаѓаат од спротивен правец. Исто така, создавајте си навика да не гледате директно во светлата на возилата што доаѓаат од спротивната страна или во светлата што се наоѓаат во околината. Гледањето директно во изворот на светлината ја намалува визуелната способност на возачот и ги изморува очите. Внимавајте на рефлексиите и на индиректните извори на светлина како издувните гасови на возилата пред вас, очите на животните, вировите вода на коловозот итн. Голема е можноста погрешно да ве наведат и да донесете погрешна одлука како возач, велат од РСБСП.
Возењето во ноќни услови, најчесто е спротивно на биоритамот на организмот и предизвикува замор и поспаност кај возачот, особено во периодот од 02:00 до 07:00 часот наутро. Затоа, доколку возите ноќе, правете почести паузи за одмор, вежби, краток сон.
Од РСБСП советуваат до возачите за полесно да се справат со заморот, да консумираат повеќе течности, да разговараат со сопатниците, да пропуштаат свеж воздух во возилото и да дишете длабоко.
Посебно апелираат при возење во ноќни услови да се внимава на животните на патот, бидејќи тие се активни во тој период од денот и ризикот за нивна појава е поголем.