Собранието на Република Македонија доцна синоќа со 80 гласа „за“ и 39 „против“ ја донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа и со 75 гласа „за“ заклучи Владата како предлагач на измените најдоцна во рок од 15 дена да изготви предлог амандамни на Уставот и да ги достави до Собранието. Одлуката се објавува во Службен весник и стапува на сила веднаш.
Претходно дента заменик помошникот државен секретар на САД Метју Палмер од Белградскиот безбедоносен форум прати порака до македонските лидери дека мора да се издигнат над политичките поделби, бидејќи, како што рече, ваква историска можност нема повторно да се случи.
-Баравме од раководството на ВМРО ДПМНЕ да ги ослободи пратениците да можат да гласаат според совеста, без грижи дека ќе имаат негативни последици после тоа. САД не се вклучени во политичкиот процес што го прати Преспанскиот договор, но јасно и гласно го подржуваме овој договор и на ова треба да реагира и македонското Собрание, потенцира Палемер.
Оние кои ја заведуваат македонската јавност говорејќи дека можат да обезбедат европска иднина за своите деца без компромисите кои преспанскиот договор ги бара, посочи, не и прават услуга на својата земја.
-Како и ЕУ и НАТО е организација во која мора одредени стандарди да се исполнат. Црна Гора го потврди фактот дека со политичка желба, кога некој тоа го сака, може да влезе во една таква организација. Се надеваме дека тоа ќе биде случај и со Македонија следната година. НАТО веќе ја повика Северна Македонија да се зачлени во НАТО и преговорите ќе започнат наредната година. Битно е да се подвлече дека европската иднина бара од Македонија и од Грција Договорот од Преспа да се прифати и во потполност. Да се исполни. Нема алтернативно решение, нема Преспа плус, нема нешто што не чека зад некој агол, доколку македонското Собрание не го изгласа со двотретинско мнозинство овој договор, рече Палмер.
Американската амбасада на нивната фејсбук страна веќе објави дека Палмер, в понеделник ќе престојува во посета на Република Македонија каде ќе се сретне со претставници на Владата и политичките партии.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, пак, преку Твитер изрази увререност дека пратениците од сите полтички парии во македонското Собрание ќе ги тргнат настрана партиските интереси и ќе донесат одлука во интерес на земјата и граѓаните.
– Ова се одлучувачки денови за Македонија. Пратениците ќе гласаат за историскиот Преспански договор што ги отвора вратите на земјата за евороатлантската интеграција. Ова е гласање за иднината на земјата и позитивните перспективи за граѓаните. Јас сум уверен дека пратениците од сите политички партии се свесни за огромната можност и одговорност со која се соочуваат денес. Сега е време да ги стават настрана партиските интереси и да дејствуваат во интерес на земјата и нејзиниот народ!, порача Хан во пресрет на завршната дебата во македонското Собрание и гласањето за потребата од измена на Уставот во согласност со Договорот од Преспа.
Премиерот Зоран Заев преку својата официјална Фејсбук страница ги повика пратениците да донесат правилна одлука и да кажат „да“ за можноста која е пред нив.
– Пратеници, да кажеме ДА на можноста пред нас. Историјата ги памети правилните одлуки, напиша Заев.
На одбележувањето на 20-годишнината од постоењето на Штедилницата „ФУЛМ“, во неговото родно Муртино во одговор на новинарско прашање дали не се откажува од мнозинство и како ќе успее да го обезбеди, претседателот на македонската влада рече дека е верник и дека некогаш чуда се случуваат.
-Дебатата е отворена и навистина прифативме многу иницијативи кои дојдоа од пратениците. Јас сум подготвен и понатаму да разговарам за иницијативите од самите пратеници во функција на тоа што е произлезено како дополнителна грижа од преговарачкиот процес, од прогласувањето на договорот, од кампањата за референдумот, а тоа е да најдеме начин да го зацврстиме иднтитетот, да го потврдиме јазикот, да го гарантираме тоа што го правиме дека ќе биде исполнето од грчка страна, да ја гарантираме европската иднина на Македонија и се со една цел заедно ова да го направиме, оти си личи заедно. Треба да се направи заедно, по пат на конзензус. Но, еве мое очекување е и во тоа верувам дека ќе соберат сили. Ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност за да се добие минимум двотретинско мнозинство и да се даде пас на отпочнување на постапката за уставни промени, одговори премиерот Заев.
Објасни дека потоа ќе следува нацрт на уставните амандмани, по кои ќе се дискутира, ќе се одобрат, па ќе има јавна дебата и на крајот е гласањето за самите уставни амандмани. Побара да му се даде живот на овој процес, бидејќи, како што рече, тоа е единствената гаранција за подобри перспективи на сите граѓани, исполнување на нашите стратешки цели-ЕУ и НАТО и секако е шанса која не смее да се препушти.
Додека се чекаше почетокот на седницата на Собранието што беше неколку пати одложуван изјави во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ даде пратеникот Антонијо Милошоски кој побара претседателот на Собранието побара без дополнително одлагање да ја стави точката на изјаснување.
-Поминаа 19 дена од референдумот на кој народот јасно се изјасни дека нема одлука за мандат за уставни измени. Гледаме дека власта одолговлекува со седницата. Деветнаесет дена се одолговлекува точката да се стави на дневен ред за гласање затоа што владеачкото мнозинство е свесно дека за пратениците е поважно волјата на народот отколку притисиците на кои се изложени, рече Милошоски.
Милошоски од претседателот на Парламентот Талат Џафери побара без дополнително одлагање да ја стави точката на изјаснување, да има гласање, и владеачкото мнозинство да види дека нема мнозинство и дека нема мандат да покрене уставни измени.
-Ние како пратеници ќе го кажаем нашиот став и ќе гласаме согласно волјата на народот, изразена преку пропаднатиот референдум и недавањето мандат за уставни измени, рече Милошоски.