„Неуката е 1000% поскапа(на) од уката“ и „Образуваме деца за туѓи бели дворови“ се транспарентите што може да се забележат на денешниот Првомајски протест што го организира Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).
Протестот не е се уште официјално почнат, но пред скопскиот плоштад Карпошово востание веќе се собираат луѓе, повеќето новинари, сниматели и фоторепортери.
Според најавата на ССНМ, учесниците на протестот ќе маршираат од Карпошово востание до Собранието и до Владата за да ја испратат пораката дека новинарството не смее да биде слабо платена и несигурна работа.
– Македонските новинари и медиумски работници се платени под државниот просек, не се инвестира во работната сила, а менаџерите воопшто немаат проблем да говорат за медиумите само како за бизнис, заборавајќи ја нивната општествена улога и одговорност, стои во повикот на ССНМ до граѓаните за што помасовно учество на протестниот марш.
Кон протестниот марш на ССНМ се придружија и Синдикатот на македонската дипломатска служба, како и Независниот академски синдикат.