Вашата држава гради светла иднина и напредува. НАТО ги споделува вашите заложби за владеење на правото, сигурност и безбедност во регионот. НАТО ја споделува вашата посветеност на демократијата, владеењето на правото, како и безбедноста и стабилноста во регионот. Вашата континуирана поддршка е важна не само за Западен Балкан, туку за цела Европа. Со нетрпение очекувам да станете 30 членка на НАТО, порача командантот на Командата на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти, кој денеска престојува во посета на Македонија.
Генералот Скапароти заедно со делегација од Министерството за одбрана и од Армијата на Република Македонија, предводена од министерката Радмила Шекеринска, проследи показна вежба во касарната „Илинден“.
– Преку вашето долгогодишно партнерство со НАТО, вашата земја веќе постигна значителен напредок во одбранбените реформи и воената интероперативност со сојузниците. Препознавајќи ја историската покана на сојузниците за почеток на пристапните преговори со НАТО препознаваме и уважуваме дека предизвиците остануваат пред вас, но претстои и многу работа. Во исто време со нетрпение очекуваме да дадеме и практична поддршка на вашите воени авторитети во процесот на пристапување. Убедени сме дека адресирањето на овие предизвици и успешното пристапување кон Алијансата ќе имаат исклучителна полза за вас. Земјите кои се приклучиле на Алијансата успеале да ја зајакнат својата демократија, да ја унапредат безбедноста и да го направат животот на нивните граѓани посигурен – изјави Скапароти.
Министерката за одбрана Шекеринска кажа дека посетата покажува колку работите во Македонија се менуваат по единаесетти јули кога ја добивме поканата за НАТО.
– Денеска сме домаќини на првиот воен претставник на НАТО во Европа, кој за првпат престојува во Македонија. Оваа засилена динамика, ја манифестира цврстата решеност Македонија во еден брз и интензивен процес да стане 30 членка на НАТО – порача Шекеринска.
Нагласи дека во овој момент е важно оваа две и пол децениска определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО да ја потврдиме и обезбедиме, а еден од тие клучните чекори ќе биде референдумот на 30 септември.
-На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на Република Македонија, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, членство во НАТО и ЕУ или уште една изгубена деценија – изјави Шекеринска.
Генерал Скапароти, како што е најавено, попладнево ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.