На годишно ниво, во работата на погребниот сервис „Бутел“ АД – Скопје се јавува одреден просек од педесетина починати лица, кои не ги исполнуваат условите за погреб на трошок на општината, а семејствата или лицата што според законот се обврзани да ги погребат, немаат финансиски средства да го извршат погребот
Бизарно звучи констатацијата дека случајот со речиси двомесечното одложување на закопот на Слободан Минциковски, познат како чичко Цобе, сепак имаше успешна завршница и тој беше погребен на градските гробишта „Бутел“ благодарејќи и на хуманитарната акција иницирана на социјалната мрежа Фејсбук, од страна на здружението „Вистински дела на љубезност“.
Човекот што продаваше стари книги, списанија и учебници во една од дрвените куќички покрај кејот на Вардар во делот на „Дрво декор“, почина во болница, околу десет дена откако, на трети август, беше нападнат на кејот на Вардар и оттогаш па до крајот на септември неговото тело стоеше во капелата во Бутел, бидејќи неговото семејство немаше пари за погреб.
Социјалните мрежи, а потоа и јавноста беа возбудени и вознемирени од бизарноста на целиот случај, кој поттикна веднаш да почнат обвинувања за дехуманизираност на општеството и државата, поткрепено со аргументите за големите трошоци за погреб со кои се соочуваат семејствата на починатите, во мигот кога загубиле најблизок човек. Но причината за долгото време поминато до погребот на Минциковски, најмногу лежи во фактот што чичко Цобе не спаѓал во ниту една категорија лица, за кои според Законот за гробишта и погребни услуги, трошоците за погреб ги сносат општината или градот Скопје. Имено, трошоците ги покриваат општините во случај починатото лице да било корисник на право на постојана парична помош или доколку не може да се утврди последното живеалиште, односно престојувалиште на умреното лице и неговиот идентитет. Слободан Минциновски не бил регистриран како бездомник, има син и ќерка, кои се социјално загрозени и не можеле да ги намират трошоците за купување посебно гробно место.
И покрај сензибилизирањето на јавноста што ја предизвика случајот на чичко Цобе, извршната раководителка во погребниот сервис „Бутел“ АД – Скопје, Анета Стефановска, вели дека во работењето на „Бутел“ АД, тоа не е ни прв ни единствен случај. На годишно ниво во нивната работа се јавува одреден просек од педесетина починати лица, кои не ги исполнуваат условите за погреб на трошок на општината, а семејствата или лицата што според законот се обврзани да ги погребат, немаат финансиски средства да го извршат погребот.
– Во оваа наша работа, со која настојуваме најтажните мигови од крајот на животот на луѓето да ги завршиме достоинствено, сведоци сме на секакви семејни истории. Поради одредени семејни односи се случува децата на починатиот да одлучат тој да биде закопан во заедничка гробница, па по извесно време да се премислат и бараат да биде ексхумиран и префрлен во посебно гробно место. Сите што се закопани во заедничка гробница се евидентирани во нашата документација, а на тие што не им е познат идентитетот се заведени под одреден број – објаснува Стефановска.
Што се однесува до временскиот рок во рамките на кој смеат да се чуваат во ладилник починати лица, Стефановска вели дека тоа не е одредено со закон, но според интерно согледување од практиката во „Бутел“ АД, тие задолжително се чуваат до шест месеци доколку од разни причини не може да биде изведен погребот. Потоа се закопуваат во заедничка гробница. Доколку станува збор за лице на кое не му е утврден идентитетот, тоа се чува во ладилник до една година, а потоа се евидентира според законски утврдената постапка, пред да биде погребано во заедничка гробница.