Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на социјалните мрежи напиша дека денеска на седница на Комисијата за станбени прашања било одлучено на семејството Белчовски, чија ќерка трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, да им биде доделен стан на користење во општина Струмица.
– Имајќи ја предвид бескрајната хуманост на семејството Белчовски, чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, како скромно оддолжување кон ова семејство, денеска на седница на Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседавам, едногласно одлучивме да им биде доделен на користење стан во општина Струмица – напиша Бочварски на Фејсбук.
Во напишаното додава дека семејството Белчовски ги помести вредностите во општеството, а граѓаните на Република Северна Македонија бескрајно му се благодарни за највисокиот чин на хуманост.