Татко ми единаесет месеци беше на лекување од леукемија во Скопје. Не можеше да се спаси и почина. Знам што значи леукемија. Барав лекови од Швајцарија, Германија, Италија, од секаде. Лековите ми останаа, татко ми си замина. Ова е дел од приказната на човекот-херој Седат Казими.
Казими живее во селото Ласкарци, работи како наставник по одделенска настава и е вљубеник во планините. Неговото срце е големо колку небото, а за тоа ќе добие и специјално признание „Пријател на децата во болница“ од организацијата САНО, која им помага на децата со малигни заболувања и нивните родители. Признанијата ќе бидат доделени на 21 декември, а покрај Казими вакво признание ќе добијат и Сашо Чатлески, Билјана Чонеска Јованова, волонтерите од гимназијата „Орце Николов“, Венко Филипче, Михаeл Северинац и медицинските сестри од хематоонколошкото одделение при Клиниката за детски болести.
Казими постојано помага со сè што може и умее за да им го разубави светот на децата што водат битки за својот живот.
– Замислете вашето дете да е болно, да ви е потребна помош и да дојде некој да ви помогне кога ви треба најмногу. Знам како е, имам деца. Не е важно човекот колку има во џеб, важно е да има во срце. Знам многу луѓе чии џебови се длабоки, ама срцата им се празни – вели човекот-херој.
Традиција е кога некое дете ќе заврши со третманот и си заминува од болницата да заѕвони на ѕвончето поставено во ходникот и со тоа да го означи своето заминување и извојуваната победа со болеста. Ова ѕвонче го има најдено и монтирано токму Казими.
– Ми рекоа дека им треба ѕвонче, реков „Јас ќе ви најдам“. И го барав, го барав и ми текна дека чичко ми во Германија има во неговиот дом. Му се јавив и го нарачав. И ми го донесе специјално. Тоа е истото ѕвонче што децата со радост го чукнуваат пред да заминат – раскажува Седат.
Ѕвончето не е единствен придонес на Казими. Тој со свои раце ја има ставено и оградата кај Родителската куќа, како и капијата. Ги монтирал и климауредите. Во оваа куќа се сместуваат роднини на деца кои се лекуваат на Одделот за онкологија на Клиниката за детски болести, кои немаат каде да се сместат во главниот град додека децата им се во болница.
– Помагам и за викенд и за време на работни денови. Кога ќе најдам време. Ако сакаш да помогнеш, ќе најдеш време. Сум им рекол кога сакаат да ми се јават за што било. Ако не можам јас да го направам, ќе најдам луѓе што ќе го направат – вели Казими.
Помагањето околу децата со малигни заболувања не е прва херојска работа што ја прави Казими. Тој е човекот што во 2019 година за време на автобуска несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, на свои раце ги носеше повредените до болница. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“, кој сообраќаше на релација Скопје-Гостивар, со 51 патник, излета од автопатот Тетово-Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. На местото веднаш притрчале мештаните од Ласкарци и околината.
– Имав со себе мал нож и со него ги сечев алиштата на повредените што беа заглавени за да ги извадам од автобусот. Потоа со наши коли ги носевме повредените до Воена болница. Имаше една Јасмина што ја спасив и утредента отидов во Воена болница за да видам дали преживеала. Не знаев како да ја барам, не знаев ни име, ни ништо. Арно ама, министерот Филипче ги прашувал пациентите како се спасиле и тие му раскажале. Ми се јави за да дојдам. Тогаш јас не знаев дека разговарам со министерот. Мислев дека е некој роднина на повредените. И се договоривме да се најдеме во болницата, јас го барам, не можам да го најдам. Откако се најдовме сфатив со кого сум разговарал по телефон – раскажува Казими.
Тој и денес повремено се гледа и комуницира со луѓето од автобуската несреќа.
– Најважно е да бидеш човек и да подадеш рака секојпат кога можеш – вели човекот-херој.