Службите за имунизација при Здравствените домови ја проверуваат евиденцијата и бараат невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца, за да ги повикаат родителите да ги донесат на вакцинација. Комисијата за заразни болести им даде таква задача минатата недела, по појавата на деветтиот случај болен од морбили, мали сипаници годинава. Епидемиолозите алармираат дека овој вирус може забрзано да ги заразува незаштитените, како и недоволно заштитените со вакцина или, пак, оние што не ја прележале заразата. Сипаниците може лесно да се прошират зашто има епидемии во неколку околни држави, во кои предизвикуваат и смртни случаи.
– Здравствените работници да обратат посебно внимание на исипните трески кај пациентите и доколку се посомневаат за морбили, веднаш да пријават до надлежните служби. Лицата што патуваат во земји каде што има активни епидемии на мали сипаници да го проверат својот вакцинален статус и доколку не се вакцинирани, некомплетно вакцинирани или немаат доказ за прележана болест, соодветно ќе се вакцинираат – препорачаа од комисијата.
Епидемиолозите апелираат родителите навреме да ги вакцинираат своите деца, пред сѐ поради заштита на нивното здравје, како и заштита на здравјето на најблиските и на пошироката заедница. МРП-вакцината (за морбили, рубеола и паротитис) родителите често ја одложуваат или не ја даваат исплашени од информациите што ги добиваат од противниците на вакцинацијата, според кои, таа предизвикува сериозни и смртоносни заболувања.
Бројот на вакцинираните деца против мали сипаници, морбили и лани било на слично ниво како преклани, па не може да се каже дека имаме колективен имунитет за оваа зараза. МРП-вакцината (морбили, рубеола, паротитис), според неофицијалните податоци на Институтот за јавно здравје, ја примиле 82,6 отсто од децата што треба да се вакцинираат, слично како и во 2016 година, кога биле вакцинирани 82,1 проценти.
Бројките на вакцинирани се загрижувачки, велат епидемиолозите, затоа што, според препораките од Светската здравствена организација, за да имаме колективен имунитет против морбилите, опфатот на вакцинирани треба да биде над 95 отсто. Колективен имунитет значи дека вирусот не би се ширел лесно.
Малите сипаници најчесто поминуваат многу лесно, но може да направат и сериозни компликации по здравјето или смрт. Првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.
Сипаниците се шират преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Се сметаат за лесно преносливи, меѓу другото, и затоа што вирусот останува активен и заразен на инфицираните површини до 2 часа. Кај 20 отсто од случаите се случува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Морбилите може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис или воспаление на мозокот.