Платформата „Пријателите на Шара“ и Македонското еколошко друштво лобисти за прогласување на Шар Планина за национален парк, со серија трибини ќе собира информации со цел да се изработи документ под име „Заедничка визија за Шар Планина“, како и Советодавно тело кое ќе има голема улога на заштитата и развојот на природата. Идејата се реализира со трибини во тетовско-гостиварскиот регион, на кои ставови и мислења даваат луѓе кои со својата работа се поврзани со Шар Планина, како претставници на општина, граѓански здружениja, собирачи на шумски плодови, сточари, ловџии, планинари, угостители.
-Клучните чинители од овие општини сакаме да ни кажат како сакаат да ја видат планината за 20 години од сега. Што и на кој начин да се развива Шар Планина, а не само да зборуваме за проблемите кои се случуваат на терен, а ги има многу. Серијата трибини на тема иднината на Шара започна во март во Гостивар. Продолжуваме во општина Јегуновце, а потоа во Тетово, Врапчиште, Теарце и Боговиње-изјави Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонско Еколошко Друштво.
Речиси две децении се чека на реализирање и законска процедура на иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк. Еколозите се надеваат дека целосната документација со Студија за валоризација на природните ресурси за да се креира закон, ќе бидат готови за две години, по што на потег ќе бидат Владата и Собранието. Бенефитите велат тие, ќе бидат огромни.
-Целта е да се видат ставовите со кои клучните чинители ќе учествуваат во советодавното тело за Шар Планина. Ќе имаат за единствена цел да алармираат, советуваат и да пренесуваат информации од најниско ниво до институциите кои што се одговорни за управување со ресурсите и крајно лобирање Шар Планина да стане национален парк-рече Фросина Пандурска Драмиќанин.
Трибина во која беа вклучени засегнатите страни за општина Јегуновце се одржа во селото Беловиште, една од дестинациите на Шар Планина погодни за планинско-рурален туризам.
А.С.