Свети Василиј е личност од црквата на чиј ден во Македонија се практикуваат многу традиционални обичаи, од карневали до василичарски огнови. Денот меѓу народот е познат како Василица. Празник што се одбележува на разни начини, во зависност со традициите во разни регионот во државата
Во календарот на Македонската православна црква-ОА на 14 јануари (секогаш на ист датум) со црвени букви се обележани три празници, различни едни од други. Тоа се Обрежание Христово, Свети Василиј Велики и Стара нова година. Кај верниците најмногу се познати Василица, која се слави во чест на свети Василиј, како следбеник на Исусовата вера и Стара нова година (почетокот на православната година по јулијанскиот календар). Сепак, според црквата, најмногу значење има празникот Обрежание Господово. Покрај МПЦ, според јулијанскиот календар, православна Нова година слават и Српската и Руската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од Света Гора.
Свети Василиј е личност од црквата на чиј ден во Македонија има многу традиционални обичаи што се практикуваат, од карневали до василичарски огнови. Денот меѓу народот е познат како Василица. Празник што се одбележува на разни начини, во зависност со традициите во разни региони во државата.
Но колку верниците, всушност, знаат за светецот чиј ден денеска се празнува?
Во житието на свети Василиј лежи и причината поради која се дели лепче со паричка токму на денешен ден.
– Во времето кога свети Василиј Велики станал архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година кога сите луѓе дошле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено – пишува во житието за Свети Василиј.
За спомен на овој настан до ден-денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Нова година (по стариот календар) да се меси лепче со паричка во него. Лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Исус Христос, второто за пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето им се разделува на присутните. Оној што ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за претстојната година.
Според теолозите, Христос, како очекување на старозаветниот закон, но и како исполнување на истиот тој, се обрежал. Секое машко дете се носело во храмот на осмиот ден за да биде обрежано. Но Христос воспоставува едно ново обрежание, а тоа е крштението. Тоа што е старозаветното обрежание, за нас христијаните е крштението.
Зашто истото тоа е завет со Бога. Крштевајќи се во името Христово, ние воспоставуваме завет со Бога дека сме негови потомци и последователи, стануваме христијани.
– Обрежанието воопшто не е ексклузивен муслимански обичај. Тоа е произлезено како заповед Божја, односно видлив начин на прикажување на заветот меѓу луѓето и Бога. Истакнуваат дека ако некое дете мора да биде обрежано од медицински причини, тоа е сѐ во ред и не претставува грев за обрежаниот. Но, без причина нема зошто некој христијанин да се обрежува, оти тие го имаат чинот на крштевање – објаснуваат теолозите.
Велат дека апостолите, во 51 година свикале Собор (познат е како апостолски собор и по негов пример се подоцнежните Вселенски собори) во Ерусалим и по опстојна дискусија, по испитувањето на Светото писмо и волјата Божја, заклучиле дека нема потреба да се наметнува таков обред и дека обрежанието веќе не е потребно. Оттогаш христијаните не го практикуваат, односно не се обрежуваат.