Според податоците на Државниот завод за статистика, лани во градските подрачја живородени се 11.258 деца или 59,2 проценти од вкупниот број на живородените деца, додека 7.773 или 40,8 проценти деца се живородени во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има скопскиот со 38,8 отсто, а најмало источниот регион со 6,1 процент.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29,8 години, а 28,4 години во селските подрачја. Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 28,1 година, а во селските подрачја 25,9 години. При првото раѓање, мајката од селските подрачја е помлада за 2,2 години.
Во градските подрачја умреле 15.948 лица или 61,9 отсто, а 9.807 лица или 38,1 отсто умреле во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број умрени лица, по региони, има скопскиот со 28,5 проценти, а најмало вардарскиот регион со 8,1 отсто. Во градските подрачја има 64 умрени доенчиња, додека во селските подрачја 44.
Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73,1 година, а во селските 73,6 години.
Природниот прираст е негативен и изнесува 4.690 лица во градските подрачја и 2.034 лица во селските подрачја. Само скопскиот регион бележи позитивен природен прираст, а останатите региони бележат негативен природен прираст.