Зошто децата се самоповредуваат и се однесуваат деструктивно? Дали причина за тоа се единствено современата доба и емоционалната бездна што се создава кај најмладите или, пак, допирот со „либералните“ трендови на интернет и некритичната понуда на анти и асоцијални содржини си го зема данокот? Го зголемуваат ли ваквите трендови ризикот од суицидни намери кај децата? „Нова Македонија“ во две продолженија го анализира овој феномен.
Дали ваквите појави водат кон суицидност?
– Самоповредувањето е системски феномен што се јавува во семејство во позиции во кои детето губи моќ или не е уважено, не е разбрано, не се прифаќа неговата различност, која често е негирана – вели психологот Радмила Живановиќ.
На истата тема во емисијата „Контекст“ на телевизијата Ал џезеира неодамна разговараа експерти од областа на психологијата, според кои ваквото однесување е сериозен аларм за тревога. Тамошните власти, по случајот, испратиле допис до сите училишта да преземат мерки и преку разговори со родителите и низ работилници да се зголеми свесноста за проблемот.
Владимир Груден, психијатар од Загреб, вели дека детето што се самоповредува не значи дека мора задолжително со тоа да се докаже пред другите, туку сака и пред самото себе да излезе јунак.
– Си вели, јас сум толку храбар, што можам и да се убијам. Да се повредам, да видам крв и можам да го поднесам тоа на себе. Мора да знаеме дека се склони на самоповредување оние што имаат комплекс на пониска вредност, тие сакаат да докажат дека не е вистина она што е вистина. Сакаат да докажат дека не се помалку вредни. Тогаш тој на себе и на другите им докажува дека може да биде голем, дека може да се повреди, па и да се убие. Знаете, децата растат идентификувајќи се со родителите. Родителите многупати можеби рекле пред нив „овој живот е неубав, подобро да ме нема“ и слично. Секој од нас мора да знае која е смислата на животот, а тоа е да бидеме среќни. И тоа не е егоизам. Среќата е склад меѓу мене и околината. Родителите мора да се пример за децата, кои од мали ги следат родителите – смета психијатарот Груден.
Според него, во случајот со децата што се повредиле, станува збор за автоагресија кај децата.
– Децата имаат природна желба и природен нагон да живеат, да уживаат. Но ако не уживаме, ако себе се повредуваме и си нанесуваме болка, тоа се прави поради тоа што не гледаме друг начин да ја истакнеме својата личност. Сите ние сакаме да бидеме некој и нешто, особено ако имаме чувство на пониска вредност. Во општеството не се величи успехот и нешто позитивно. Ретко можеме да видиме како некој направил нешто убаво. Но ако има инцидент, тој е веднаш популарен. Така доаѓа до желбата да се биде некој и нешто во услови кога има неможност за истакнување на конструктивен начин – додава психијатарот.
И интернетот има голем удел во деструкцијата кај децата
Сенка Чимпо, психотеравпевтка од Сараево, смета дека самоповредувањето е нешто што се случувало и пред достапноста на интернет, но сега тоа е многу поотворено и пофреквентно.
– Овој вид самоагресивност се случува кај тинејџерите, а главно тоа е одраз на емоционална слабост. Тоа е период што е бурен и е период на промени. Важно е да разговараме за овие појави, вака јавно, но важно е и родителите да разговараат со своите деца. И секогаш кога не се сигурни да имаат кого да прашаат и како да проверат одредено однесување. Емоционалното изразување во адолесценцијата е поинакво, тогаш децата се приближуваат до врсниците, а се оддалечуваат од родителите. Некогаш е тоа простор во кој родителите често го губат контактот со нив, но и делот на надзорот, па не забележуваат дека нешто се случува. Во случајов, кога се работи за деца и млади, потребен е интердисциплинарен систем – родители, училишта и наставници. Многу чинители се вклучени и затоа мора да се работи темелно – вели Чимпо.
Нејзината колешка од Белград Слобода Катаниќ смета дека системот влијае, но овде постои и одреден емоционален проблем кај децата што се самоповредуваат.
– Не е само до тоа дека имаат потреба да се докажуваат пред другите. Привлекувањето внимание е во ред, но зад тоа постои емоционален проблем. Има различни емоционални проблеми. Но тоа што е поврзано со самоповредувањето кај децата се депресијата, анксиозноста, чувството на вина, а може да е поврзано и со нарушување на личноста, биполарното нарушување – смета Катаниќ.
Психолозите и психијатрите се согласни дека за да се превенираат ваквите појави, клучни се љубовта и близината меѓу родителите и децата, паралелно со поголема контрола на содржините што тие ги гледаат на интернет. Освен тоа, од друга страна, неопходно е училиштата да најдат начини и да ја вратат воспитната улога, која денес е изгубена, за да се спречат вакви појави, кои се наша реалност. Поголема одговорност и грижа за децата треба да покажат и институциите, кои во моментов не прават речиси ништо за да ги заштитат децата од опасните игри и предизвици. Општините и Министерството за образование и наука треба да превенираат вакви негативни појави, работејќи на зголемување на свеста од ризиците и последиците со кои се соочуваат тинејџерите и адолесцентите поттикнати од трендовите што се раширени меѓу нив.
крај