Еден ден по еврокомесарот Хан, во Скопје дојде и в.д. помошник-државниот секретар на САД, за Европа и Евроазија, Филип Рикер, кој порача дека времето за „политички игри поминало“. Политичарите имаат различен став кому му била упатена пораката
Законот за Јавното обвинителство, со кој треба да му се регулира статусот на сегашното специјално јавно обвинителство, во овој миг претставува актуелна тема за политички надмудрувања, особено по аферата „Рекет“, и индициите за поврзаност со специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Сериозноста на политичката ситуација генерирана од барањето решение за овој закон, ги активира и претставниците на меѓународната заедница, на ЕУ и на САД, да го заложат својот авторитет и во Скопје, на средби со сите политички фактори во Македонија да ја изразат својата бескомпромисна поддршка на досегашната работа на СЈО и неопходноста да продолжат да се процесираат предметите и истрагите. Еврокомесарот Јоханес Хан, во четвртокот, на 25 јули, порача дека законот за Јавно обвинителство е веќе (нов) услов за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, во октомври, иако не вети дека тоа неизбежно и ќе се случи. Еден ден по него, во Скопје дојде и в.д. помошник-државниот секретар на САД, за Европа и Евроазија, Филип Рикер, кој директно порача дека времето за „политички игри поминало“.
– Како и во секоја вистинска демократија, улогата на опозицијата е клучна, но таа опозиција мора да биде конструктивна. Времето за политички игри и истакнување, и големи гестови како и играње со перспективите и идеите на граѓаните веќе е поминато. Мојата порака е јасна, време е да се придвижат работите за доброто на земјата. Северна Македонија се движи напред да ги исполни целите на оваа држава, кои траат со децении како евроатлантските интеграции – рече вршителот на должноста помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, на заедничката прес-конференција со премиерот Заев.
Притоа Рикер изрази надеж дека овој процес ќе заврши побрзо.
– Се надевам опозицијата ќе биде витална и конструктивна. Мора да се осигуруваме дека истрагите ќе бидат транспарентни, а знам дека и премиерот сака да продолжи со тоа на соодветен начин. Треба да ѝ се покаже на јавноста дека никој не е над законот – рече Рикер.
Во ваквите изјави на помошник-државниот секретар на САД, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не „препозна“ порака до неговата партија, односно дека „никаде во изјавата на Рикер не слушнал дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го поддржи овој текст на законот што е предложен од страна на Владата“. Мицкоски веднаш по заедничката прес-конференција на Заев и на Рикер, имаше свое обраќање пред новинарите во седиштето на својата партија, каде што ги изнесе предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за реформирање на СЈО. Тој предложи сите предмети од СЈО од 2016 г. да ги преземе Републичкото јавно обвинителство во фазата во која што се, односно државниот јавен обвинител истите тие да ги прераспредели во согласност со советите на експертската јавност онаму каде што припаѓаат. Мицкоски рече дека треба да се почитува принципот на субординација во рамките на едно обвинителство, а тоа е државното обвинителство.
Во однос на изјавата на Рикер за „политичките игри на опозицијата“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека самиот лично ќе му каже на помошник-државниот секретар на САД „кој игра политички игри и детално ќе му го образложи тоа“.
Од друга страна, пораките што ги упати Рикер на прес-конференцијата во Владата, претставници од македонската експертска јавност ги оценуваат дека звучат како „диктат и флагрантно кршење на меѓународната дипломатска практика“.
– Изјавата на Рикер е директно мешање во македонските внатрешни работи и диктат што треба ние да правиме. Легитимно право е на САД да ги оценуваат нашите состојби, меѓутоа во никој случај немаат право да држат лекции. И завчерашната и вчерашната посета (на Хан, и на Рикер, н.з.) покажуваат загриженост на Брисел и на Вашингтон за длабоката криза во која запаѓаме, и која во најголем дел е резултат на нивните политики. Директивите што ги даде Рикер, да се надеваме дека нема да бидат послушани и дека Македонија ќе ги решава проблемите со кои се соочува водејќи сметка за сопствените интереси. Тонот на изјавата на Рикер е флагрантно кршење на меѓународната дипломатска практика – оценува поранешниот македонски дипломат, Ристо Никовс