Простор за оптимизам има секогаш, ама тоа зависи од заинтересираните. Една стара изрека вели дека нема безизлезни ситуации, туку има само луѓе кои така се чувствуваат. Македонија ги има сите услови брзо да напредува и да стане место каде што луѓето убаво ќе живеат, тврдат аналитичарите
Распадот на поранешната држава, долгиот транзициски период, приватизациите, воениот конфликт во 2001 година, територијалната поделба, договорите со Грција и со Бугарија, двојните стандарди и дволичноста на ЕУ се чини дека оставија длабоки траги низ годините врз македонското општество.
Големите очекувања по осамостојувањето на државата се претворија во уште поголеми разочарувања во овие речиси 30 години, што само дополнително ја зголеми апатијата меѓу граѓаните.
Пензионерите како да станаа главни прехранувачи на семејствата, а младите сè помасовно ја напуштаат државата.
Но како што се вели „Надежта последна умира“, така и во следната 2020 година на полноќ на 31 декември сите ќе си посакаме многу желби за здравје и среќа, еднаш да тргнат работите кон подобро, да престанат поделбите, политичките интриги и сплеткарења, да се стави благосостојбата на народот пред благосостојбата на партијата. Токму врз овие надежи намаченото македонско општество ја темели онаа ронка оптимизам што му остана.
– Простор за оптимизам има секогаш, ама тоа зависи од заинтересираните. Една стара изрека вели „Нема безизлезни ситуации, туку има само луѓе кои така се чувствуваат“. Македонија ги има сите услови брзо да напредува и да стане место каде што луѓето убаво ќе живеат – смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Според него, земјава мора да се потпре врз сопствените сили доколку сака развој.
– Додека бараме камшикари од странство за да нè турнат за да кинисаме, никаде нема да стигнеме. И без НАТО и без ЕУ Македонија може да биде успешна приказна во следните 100 години, а колку тие две организации ќе издржат никој не знае. Сè зависи од нас колку ќе се концентрираме на реформите кои се неопходни и наместо да си ги вадиме очите меѓу себе, особено Македонците, да ја градиме подобрата иднина за сите – додава Никовски.
За социологот Илија Ацевски, благосостојбата и оптимизмот кај граѓаните може да се вратат само со консензус околу клучните работи важни за развојот на државата.
– Мора да се најде консензус за сите клучни работи во државата. Кога ќе се постигне тоа, тогаш ќе може да се пристапи кон решавање на клучните проблеми во земјата. Само тоа може да го врати оптимизмот кај граѓаните – вели Ацевски.
Тој додава дека Македонија по многу нешта не се разликува од своите соседи, но нашиот проблем е што премногу долго траат проблемите.
– Ако успее да се смири таа реторика кај партиите, да се соочиме со промените што се случија, ако се најде некаков баланс, тогаш може да се свртиме кон решавање на покрупните работи и да го вратиме оптимизмот кај народот – истакнува Ацевски, притоа нагласувајќи дека тој лично не е голем оптимист.
Професорката Билјана Ванковска не гледа простор за оптимизам кај овој народ.
– Ова е народ што одамна изгубил верба во своите способности, одамна не создал нешто со што може да се гордее (освен индивидуалните, главно културни, проблесоци) и кој пасивно ја гледа последната распродажба со која се крунисува завршетокот на транзицијата и приватизацијата – т.е. продажбата на идентитетот и уставната сувереност како последен отпад, „дај колку ќе дадеш, дај си рака“. Тој не е ни свесен дека е зомби, жив мртовец, кој го одржуваат како лик во некој евтин холивудски филм – додека е потребно. На моменти се вознемирува и галами (главно на социјалните мрежи) за сосема небитни нешта – вели Ванковска.
Новата година е пред нас, 2020 е убава бројка, да посакаме да означи и почеток на една нова и убава приказна за Македонија.