Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, и директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, направи увид во завршените реконструктивни работи на торакална хирургија.
Во реконструкцијата на одделот се вложени 60 милиони денари за комплетно реновирање на хируршките сали на оваа клиника, како и за набавка на најсовремена опрема.
– Тоа е резултат на нашата целосна грижа за лекување на пациентите бидејќи квалитетната здравствена услуга ни е на прво место. Со оваа реконструкција, која е дел од капиталните инвестиции во јавноздравствените установи, Владата на Република Северна Македонија ја потврдува својата цврста определба за градење одржлив и ефикасен здравствен систем, кој ќе им биде силна потпора на граѓаните – истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите.
Во изминатите 4 години, додаде Заев, Министерството за здравство интензивно работеше на подобрување на условите во јавноздравствените установи, со цел поквалитетна здравствена услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници. Со заеднички сили реализиравме капитални инвестиции во реконструкции и инфраструктура во 32 здравствени установи во земјата.
– Во рамките на целокупниот план, денес се промовираат новите сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, целосно реновирани на начин на кој ниту едни операциони сали тука во блокот, каде што со години се изведуваат најсложени оперативни интервенции, не се реновирани повеќе од 60 години. Сега благодарение на овие целосно реновирани операциони сали нашите лекари, експерти од сферата на васкуларната и торакалната хирургија, ќе може да им даваат здравствени услуги на пациентите, какви што се даваат во најразвиените европски болнички центри. Тоа значи дека ѕидовите, подовите и протокот на воздухот се направени по сите европски стандарди. Опремата што се наоѓа во салите нуди можност за нашите пациенти да добијат услуги од секаков вид и пациентите од сферата на торакалната и васкуларната хирургија повеќе нема потреба да се праќаат на лекување во странство – нагласи министерот Филипче.
Директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, Неџати Јакупи, истакна дека паралелно со борбата со коронавирусот и функционирањето во услови на пандемија во годината што измина е заокружена инвестицијата во реновирањето и опремувањето на хируршките сали на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија и дека во вистинско време се вложуваат сите напори здравствениот систем во најдобри услови да работи и во интерес на граѓаните да се стави во функција.