Државниот инспектор за животна средина по дојава на службата за општи и заеднички работи на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во петокот изршил увид на локацијата на која одделно се складира медицински опасен отпад и неопасен отпад што се создава во хируршките клиники. Од ДИЖС наведуваат дека било утврдено несоодветно третирање на медицинскиот отпад во картонска амбалажа што е спротивно на Законот.
– Медицинскиот отпад, ставен во картонски кутии, спротивно на законот, беше складиран во депо за картонска амбалажа. Опасниот медицински отпад мора да биде селектиран, спакуван во жолти кутии или вреќи и потоа да се складира во посебен контејнер и да се транспортира со посебно возило до Дрисла. При подигањето на картонската амбалажа од страна на компанија што собира медицински отпад, кутиите со медицински отпад беа фрлени на земја и растурени – велат од ДИЖС.
Инспекторот ги задолжи службите да го исчистат местото и да го отстранат медицинскиот отпад на прописен начин. Имајќи предвид дека на оваа локација медицински отпад фрлаат сите хируршки клиники, Државниот инспекторат до нив ќе достави опомена.
Истовремено, примерок од медицинскиот отпад ќе се достави до судска медицина за вештачење и откривање на клиниката од која потекнува отпадот, а ДИЖС најави дека ќе следи и казна.