Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека тврдења за сѐ почести случаи за расипана храна и храна со оштетена амбалажа или со изминат рок во продавниците, кои ги споделуваат граѓаните на социјалните мрежи, се паушални бидејќи од, како што велат, изолирани случаи се создава слика дека таквата состојба е вообичаена
Храна полна со бели црвчиња, отпакувана храна, но и храна што очигледно била „тестирана“ од потенцијални купувачи, сокови полни со некакви остатоци, но и производи со поминат рок, е сѐ почестата појава во маркетите и во продавниците за храна во земјава. Речиси секојдневно на социјалните мрежи можат да се забележат поплаки од граѓани што купиле одреден производ, а наместо истиот тој да го консумираат, тој завршува во ѓубре, поради тоа што е несоодветен за употреба.
Незадоволството кај купувачите расте, но се чини дека и покрај тоа што се револтирани поради таквата состојба, вработените во маркетите и во продавниците како воопшто да не ја проверуваат храната што ја редат на полиците. Дали проблемот настанува кај производителите, при транспорт или поради долготрајно и несоодветно чување на храната во продавниците, тешко е да се утврди, а често не може да се добие соодветна замена или поврат на парите во продавницата бидејќи купувачите не ги чуваат сметките.
– Купив сусам во еден голем и познат маркет. Нормално, не стоев да го прегледувам затоа што очекувам дека купувам квалитетен производ во реномиран маркет во кој сите пазаруваат. Кога дојдов дома и го отворив, имаше што да видам. Бели и живи црвчиња шетаа по сусамот. Сликата беше навистина одвратна. Фискалната не ја чував, па не можев да се вратам во маркетот за да им покажам што продаваат. Сусамот го фрлив и отсега сѐ што ќе сакам да купам, двапати ќе го проверувам пред да го платам – вели жената што го купила сусамот.
Друг купувач, пак, купил отворено ќесе со мајонез.
– Во помала продавничка купив мајонез од реномиран бренд. Кога дојдов дома, сопругот сакајќи да го отвори, истиот тој почна да тече од едната страна. Бидејќи е локална продавница, веднаш заминав со производот за да им покажам што продаваат. Продавачката беше видно изненадена, па заедно со мене ги прегледуваше сите ќесиња со мајонез. Не течеше само од мојот, туку и од десетина други. Разгледувајќи ги, таа забележа дека пресата што го пакува мајонезот, ги пропуштила тие места, па затоа тој течел. Меѓутоа, што ако не забележевме и го изедевме? Мајонезот е една од оние намирници што брзо се расипуваат и можат да имаат доста лош ефект за здравјето доколку ги консумираме расипани? Кој ќе ја сносеше одговорноста во тој случај? – прашува Лилјана Д.
Зоран Стојановски, пак, пазарејќи во еден, исто така, реномиран маркет во Скопје, забележал постара жена како си ги отвора пакувањата путер и со малиот прст „брцнувала“ во нив и ги дегустирала.
– Се шокирав кога видов што прави. Отидов до неа и ѝ реков дека ќе ја пријавам, меѓутоа таа ми рече дека што прави таа не е моја работа. Заминав кај вработените и ја пријавив. Тие веднаш дојдоа и ја замолија да ја напушти продавницата, а пакувањата со путер, што е најтрагично, ги оставија во фрижидерот – информира тој.
И производите со поминат рок никако да се исфрлат од полиците. Граѓаните велат дека мораат постојано да го проверуваат рокот на траење, затоа што таквите производи не се отстрануваат од полиците.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека овие тврдења се паушални бидејќи од, како што велат, изолирани случаи се создава слика дека таквата состојба е вообичаена.
– Одговорноста за вакви случаи е кај операторите со храна, а граѓаните би требало да внимаваат што купуваат и ваквите случаи можат да ги пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство – вели Димче Петрески од АХВРМ.