Македонија мора да го промени својот Устав, ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев за европското издание на „Еурактив“. Според него, ова ќе биде чекор кон решавање на спорот помеѓу Софија и Скопје.
– Се верува дека сме во процес на повторно преговарање за Договорот за пријателство и добрососедство, но не сме. Ние сме во процес на барање начин за подобро спроведување на овој договор. Договорите треба да се почитуваат. Ова е главниот предуслов за да се биде членка на ЕУ. Договорите на ЕУ мора да се почитуваат на ист начин. Пред четири години верувавме дека договорот ќе ги реши проблемите во билатералните односи, на ист начин како што тоа го правеше и Договорот од Преспа (меѓу Македонија и Грција), но денес гледаме заостанување по сите точки во него. Говор на омраза против Бугарија се интензивира, не гледаме политичка волја за отстранување на навредливи текстови во учебниците, не гледаме политичка волја да се запре фалсификувањето и уништувањето на бугарското културно и историско наследство во овој дел од светот – рече Румен Радев.
Според него дискриминаторскиот третман на македонските Бугари трае со децении.
– Денеска над 120.000 македонски граѓани имаат и бугарско државјанство. Тие не се само бугарски државјани, туку и државјани на ЕУ, а тоа значи многу кога зборуваме за човекови права. Македонските Бугари мора да бидат третирани подеднакво со сите други групи луѓе споменати во нивниот Устав. Тоа е прашање на принципи, а не на преговори. Сакаме да видиме неповратни и одржливи резултати, правно обврзани – рече тој.
На Македонија ѝ требаа шест месеци да го спроведе Договорот од Преспа, дури и го сменија името. Зошто е толку тешко да се додаде еден единствен збор – „Бугари“, праша бугарскиот претседател.